Мурињо проговори за обвинувањата за расизам: „Како можеа да паднат толку ниско?“

од Vladimir Zorba
26 прегледи

Португалскиот тренер Жозе Мурињо даде големо интервју за англискиот Sky Sport во кое зборуваше за обвинувањата за расизам со кои се соочи по дербито меѓу Галатасарај и Фенербахче во 24. коло од турскиот шампионат. Да потсетиме дека Португалецот беше суспендиран на четири натпревари по настаните што следеа по турското дерби.

Две од суспензиите беа изречени поради неговото влегување во судиската соблекувална по натпреварот, а останатите две се резултат на неговите изјави на прес-конференција, кои беа оценети како несоодветни. Поради чувствителноста на натпреварот беа ангажирани странски судии, а натпреварот го водеше словенечкиот судија Славко Винчиќ.

Токму пофалбите на Мурињо за Винчиќ предизвикаа бурни реакции и одлуката на Турската фудбалска федерација да го суспендира Мурињо. Галатасарај по натпреварот реагираше со официјално соопштение, обвинувајќи го Мурињо за расизам и најавија правна постапка.

Мурињо: Како можеа да паднат толку ниско?

Мурињо ги коментираше обвинувањата во интервју: „Тие не беа многу паметни во начинот на кој ме нападнаа, затоа што не го знаеја моето минато. Не знаеја за моите врски со Африка, со африканските луѓе и африканските играчи и африканските хуманитарни организации. Затоа, наместо да ме удрат, мислам дека сето тоа им се врати како бумеранг“.

„Сите знаат каква личност сум. Сите ги знаат моите лоши страни, но тоа секако не е една од нив. Сосема спротивно! Најважно е да знам кој сум, а нападот со кој ме обвинија за расизам беше лош избор“.

Зборувајќи директно за обвинението за расизам, тој рече: „Само што помислив: како можеа да паднат толку ниско?“

Мурињо на прес-конференцијата по ремито 0-0 ја обвини клупата на Галатасарај дека „скокаат како мајмуни“ во обид да го извади од игра својот 19-годишен централен бек Јусуф Акчичек на почетокот на натпреварот. Во интервјуто тој рече дека мислел на селекторот Окан Бурук.

На прашањето дали се кае за одлуката, тој, мислејќи на однесувањето на Бурук, рече: „Не можам да паднам на неговото ниво. Понекогаш го правам тоа, а потоа се прашувам: „Зошто го направи тоа, Жозе? Зошто падна на тоа ниво? Беше само тажно“.

Слични содржини