СДСМ денеска на прес-конференција го отвори, како што велат, првиот од серијата скандали поврзани со тендери доделени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, милионски договори завршуваат кај истите фирми, вклучително и кај компании со сомнително минато, а некои од тендерите се финансирани од унгарскиот кредит кој ќе го враќаат граѓаните.
Во фокусот на обвинувањата е компанијата „ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО Увоз-Извоз Скопје“, која во последните четири години добила околу 50 тендери во вредност од 10 милиони евра, главно во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Сомнежи за местење на тендери
Според СДСМ, истата компанија во 2020 година била осомничена за местење тендери во Општина Зелениково, а денес продолжува да добива вредни договори. Само во последните три месеци, фирмата добила три тендери со пет договори во различни скопски општини, сите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Понудените и постигнатите цени во речиси сите случаи се исти, што отвора сомнеж дека однапред биле договорени условите“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Повик за одговорност
СДСМ поставува прашања за тоа дали градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ им овозможиле на одредени фирми ексклузивен пристап до информации и дали парите од унгарскиот кредит се користат за финансирање на партиски структури.
„Јавноста има право да знае дали овие тендери се начин на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и дали граѓаните плаќаат огромни камати за кредити што завршуваат во коруптивни зделки“, порача Кузеска, повикувајќи ги институциите да реагираат.
Таа најави дека во наредните денови ќе следуваат нови информации и дополнителни обвинувања за коруптивни зделки. ВМРО-ДПМНЕ засега нема дадено официјален одговор на овие наводи.