Додик пронајде „рецепт за отцепување“: Босна и Херцеговина како Кипар или Северна Ирска?

Може ли да дојде до вооружен судир меѓу МВР на Република Српска и СИПА по потегот на Додик?

од Nikola Popovski
842 прегледи

Политичкиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик го одби повикот на Државното обвинителство на Босна и Херцеговина, за кое рече дека го сомничи за „поткопување на уставниот поредок“ поради донесување закон со кој се негираат овластувањата на централната државна правда и полиција во српскиот ентитет на БиХ. Овие последни акции на властите на Република Српска (РС) ги поттикнаа тензиите во поделената балканска земја и ги тестираат нејзините кревки централни институции. „Нема да одам пред нивниот политички трибунал бидејќи Србите повеќе не одат пред инквизиција“, додаде тој, осудувајќи го „продолжувањето на политичкиот прогон“. Додик, кој ја води РС од 2006 година, на 26 февруари беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција, откако беше прогласен за виновен за непочитување на одлуките од страна на високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, кој е одговорен за спроведување на Дејтонскиот мировен договор.

Се отвораат неколку дилеми во тамошната јавност, но и во соседството – дали потезите на создаваат недоумици во пракса во РС и дали може да дојде до вооружен конфликт меѓу МВР на РС и Агенцијата за истраги и заштита (СИПА)? Воениот аналитичар од БиХ, Неџад Ахатовиќ во разговор за „Локално“ вели дека во нашиот регион безбедносната ситуација зависи од подготвеноста и агресивноста на режимот на Александар Вучиќ во Белград и подготвеноста на Владимир Путин да ја искористи таа агресивност за да ја дестабилизира Европа.

Неџад Ахатовиќ

-Како што гледаме во постепената ескалација на кризата во БиХ, режимот на Вучиќ е доволно агресивен, но дали е доволно подготвен да се соочи со сите ризици што ги носи таквата лојалност кон Москва, останува да видиме. Постојат два клучни елементи во сегашниот развој на кризата во БиХ или нејзината деескалација. Заклучоците што треба да се донесат на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со ситуацијата во БиХ што ја бара Руската Федерација и однесувањето на меѓународниот фактор кој се уште е присутен во БиХ, објаснува Ахатовиќ и додава дека со други зборови тоа значи дали Европа ќе се согласи со она што Русија го бара во БиХ.

Според него, она што треба да се забележи кога станува збор за донесување на антиуставни акти од страна на политичката опција застапувана од Додик е фактот дека неговата намера е ситуацијата од судски случај што директно го засега него да ја претвори во политичка и безбедносна криза насочена кон општото постоење на целата држава БиХ.

-Ако за тоа добие зелено светло од меѓународните фактори, како што очигледно има од Русија, ситуацијата ќе остане во ова статус кво, што ќе значи де факто кипаризација на Босна и Херцеговина, а повеќе би рекол дека регионот добива нова Северна Ирска, потенцира соговорникот.

За аналитичарот, евентуалниот конфликт во БиХ ќе зависи од однесувањето на меѓународните фактори, ако останат рамнодушни на обидот на Додик на овој начин да ја ескалира кризата на сметка на Руската Федерација со помош на Србија.

-Тогаш на државата БиХ брзо ѝ снемува опции за дијалог и деескалација на кризата. Ова не мора да значи конфликт, но државниот суверенитет не може да толерира ваков тип на узурпација. Земјата ќе се распадне или ќе опстане по тоа прашање, заклучува Ахатовиќ.

Пред вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ му пишаа на Советот, предупредувајќи на сериозна политичка и безбедносна криза во земјата предизвикана од политиката на лидерот на ентитетот Република Српска. Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина од РС, Жељка Цвијановиќ, исто така, одвоено и пиша на Мисијата на БиХ во ОН, барајќи нејзиното писмо да биде проследено до членките на ОН, застануваjќи во одбрана на Додик.

Главниот портпарол на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Анита Хипер изјави дека законите со кои се забранува работата на државните правосудни институции и СИПА во Република Српска го поткопуваат уставниот и правниот поредок, функционалноста на домашните институции и ги загрозуваат основните слободи на движење.

„Правните акти, усвоени од Народното собрание на Република Српска на 27 февруари, а потпишани од претседателот на РС на 5 март, го поткопуваат уставниот и правниот поредок на БиХ и функционалноста на домашните институции и ги загрозуваат основните слободи на нејзините граѓани“, предупреди таа, соопштено е од Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Вчера заседаваше Постојаниот совет на ОБСЕ, а како што неофицијално дознаваат тамошните медиуми, на средбата делегацијата на САД изнела јасен став за потезите на Додик и останатиот дел од раководството на овој ентитет. Според информациите, Америка јасно ги издвоила Додик и раководството на РС како поединци кои го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор.

„САД остануваат посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Зачувувањето на стабилноста во БиХ е од клучно значење за спречување на конфликти и одржување на безбедноста во БиХ и во регионот“, била една од позициите на американската делегација на вчерашната средба.

Тие повториле дека „цврсто стојат на дејтонските принципи на БиХ“, односно дека БиХ е „демократска, независна и суверена држава составена од два ентитета и кантонот Брчко“.

-Очигледно никој не го известил персоналот на американската амбасада во Сараево дека Бајден повеќе не е претседател и дека УСАИД веќе не креира надворешна политика, објави Додик по објавата на Американската амбасада.

-Вечерашната објава е повторување на минати времиња и веруваме дека не ја одразува избалансираната и избалансирана позиција на новата администрација. Веруваме дека оваа рециклирано соопштение од Марфи е испратено преку заостанат персонал. Секогаш сме подготвени за дијалог и цело време повикуваме на разговор, навел Додик на социјалните мрежи.

Додик оценил дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе се фокусира на соработката со европските земји, а не со ЕУ, додека во соопштението на амбасадата, како што вели „се залагаат за евроатланска интеграција, иако сите знаат дека Трамп има проблеми со НАТО“.

Н.П.

Слични содржини