Вучиќ: Сараево ја користи ЕУ како тројански коњ за да ја уништи Република Српска

од Nikola Popovski
27 прегледи

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретнаа во Белград и разговараа за актуелната политичка ситуација во Босна и Херцеговина.

Вучиќ по средбата изјави дека е загрижен за актуелната ситуација во БиХ, нагласувајќи дека Додик е оправдано загрижен, особено во контекст на можни воени конфликти.

„Кога ќе слушнете дека некој можеби се подготвува за војна, не можете да не бидете повеќе од загрижени“, рече Вучиќ.

Според Вучиќ, Србија сè уште смета дека дијалогот е клучен за решавање на несогласувањата, но, како што наведе, одговорите од Сараево на поканата за разговор не биле онакви какви што очекувал.

„Кога последен пат бев во Бања Лука, побарав од раководството на РС и од претседателот Додик да испратат барање за разговори до луѓето во Сараево. Ден потоа, освен канонада навреди, патолошки навреди, не добивме ништо како одговор“, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија дополнително ја коментираше актуелната политичка ситуација во Европа, нагласувајќи дека Европа ќе се обиде да се одвои од меѓународните односи, особено во однос на Русија, што може да влијае на стабилноста во регионот.

„Сараево е среќно поради сето ова и тие се обидуваат да ја искористат Европа како тројански коњ за нивните политички потфати, што е уништување на РС, што е секогаш поткрепено со емотивниот статус „да вратиме за Сребреница“, а првото нешто што е рационално е „конечно имаме можност да ја укинеме РС и да ја уништиме“. Ова е една од причините зошто во Србија се спроведува обоената револуција и зошто зад неа стојат истите актери. Без сомнение, тие во претходниот период се обидоа да ја уништат и освојат Србија, за Србија да не може да им помогне на своите браќа западно од Дрина и РС. Србија го почитува Дејтонскиот договор и го почитува територијалниот интегритет на БиХ, но Србија знае и што пишува во Дејтонскиот мировен договор. Ние знаеме да го читаме тој договор, но не се занимаваме со духот на тој договор, бидејќи кога ќе почнете да се занимавате со духот на договорот, тоа значи дека сте почнале да мамите и лажете“.

Претседателот на Србија најави дека утре во 12 часот ќе има разговор со рускиот претседател Владимир Путин на кој ќе разговараат за билатералните односи меѓу Србија и Русија, особено за прашањата за гасот, нафтената индустрија и политичките односи.

Слични содржини