Премиерот Христијан Мицкоски информира дека заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски ги примиле македонските ракометни репрезентативци кои настапија на Светското првенство во ракомет што се одржа во Хрватска. Соопшти дека била одвоена сума од 3 милиони денари како премија за ракометарите.
-Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло.
За таа цел Владата донесе одлука да додели премија на ракометарите во висина од 3 милиони денари, како резултат на достоинственото претставување и пожртвуваноста на македонските спортисти во Хрватска. Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
Македонската ракометна репрезентација го освои 15. место на СП 2025 што се одржа во Хрватска, Данска и Норвешка. Нашиот национален тим го заврши овој светски шампионат со скор од две победи (Катар и Гвинеја), две реми (Унгарија и Австрија) и исто толку порази (од Холандија и Франција).
Се уште е неизвесна иднината на селекторот Кире Лазаров на клупата на нашите најдобри ракоментари откако од претходно е познато дека ново раководство ќе ја предводи РФМ.