Најчевска за интерпелациите: Не се разрешуваат судии туку политички поставени членови кои направија суштински грешки

од Nikola Popovski
674 прегледи

Професорката и граѓански активист, Мирјана Најчевска се согласува со интерпелациите на членовите на Судскиот совет. Сепак, смета дека не се разрешуваат судии туку политички поставени членови кои впрочем, како што вели, направија суштински грешки и го девалвираа судството до невидени размери.

Најчевска го вперува прстот во претходната власт поради тоа што не направија судски реформи.

-Во моментот кога се појави реална можност да се направи ваква реформа судиите, јавните обвинители и нивните пријатели во власта ја стопираа. ДПМНЕ нема да направат судска реформа исто така. Не им одговара независно судство кое е составено од судии кои знаат, умеат и имаат кредибилотет.

Се додека не се направи реформа на судството ќе се замајуваме со политички решенија. Меѓутоа СДСМ да престане да креска кога е во опозиција а да бите мртво пувало кога е на власт. Тоа покажа дека е ДПМНЕ со наслов СДСМ, стои во објавата на професорката.

Собранието на вчерашната седница изгласа недоверба и на членовите на Судскиот совет: Тања Чачарова Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.

Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7-ми февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Интерпелациите на членовите на Судскиот совет се клучен момент за владеење на правото. Судството е со два проценти доверба и интерпелацциите не се политичка пресметка, туку прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од власта на СДСМ и ДУИ во изминатите седум години, рекоа пратениците од владеачкото мнозинство.

Дамева, вели, не носела одлуки под влијание. Смета дека со интерпелациите се случува директен упад во судската власт и овој институт не е наменет за судската фела.

Интересно за споменување е што претходниот министер за правда, Кренар Лога уште лани излезе со иницијатива за распуштање на сегашниот состав на Судскиот совет по контроверзните случувања во ова тело, но и по анкетата на ОБСЕ во којашто голем дел од судиите не веруваат независноста на Советот.

За ова, во јуни 2023 година, рече дека разговарал со и со власта и со политичките партии.

-Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело, изјави тогаш министерот за правда во заминување.

Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој претходно го нарече судскиот совет нелигитимно тело, лани истакна дека амбасадата останува на ставот за советот, како и дека очекуваат надлежните органи да ги преземаат сите мерки за распуштање на членовите.

Судскиот совет се соочуваше со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците.

Слични содржини