Претседателот Доналд Трамп се сретна со ирскиот премиер Мајкл Мартин, а по средбата имаше прес-конференција. Американскиот претседател на неа рече дека САД „имаат луѓе кои одат во Русија во моментов“ и додаде дека работата „сега зависи од Русија“.
„Добивме неколку позитивни пораки за прекинот на огнот“, додаде тој, нагласувајќи: „Но, позитивна порака не значи ништо. Ова е многу сериозна ситуација“.
„Да се надеваме дека ќе добиеме прекин на огнот од Русија. Ако го направиме тоа, мислам дека тоа ќе биде 80 отсто од патот кон ставање крај на ова ужасно крвопролевање“, посочи Трамп, повторно обвинувајќи го Џо Бајден дека „дозволил“ да започне конфликтот во Украина.
„Санкциите кон Русија може да бидат поразителни“
Трамп им се обрати на новинарите во Овалната соба и рече дека финансиските санкции кон Русија би можеле да бидат „погубни“ доколку Кремљ одлучи да ја продолжи војната.
„Има работи што можете да ги правите што не би биле финансиски удобни. Можам да правам такви работи. Тоа би било многу лошо за Русија. Не сакам да го правам тоа, бидејќи сакам да добијам мир. Овие финансиски прашања би можеле да бидат погубни за Москва. Се поблиску сме да направиме нешто во Украина“, рече тој.
„Имав еден (Зеленски – н.з.) кој не сакаше мир. Сега тој се согласи. Па ќе видиме, додаде Трамп.
Тој одби да процени дали постои потенцијал за договор меѓу двете конфликтни страни, но рече дека верува оти договорот „има смисла за Русија“, со која разговарал и за територијата.