Пензионерите ќе го спасуваат и земјоделството – ќе копаат, ќе садат, ќе берат…

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Со новиот закон за работно ангажирање на лица за сезонска работа, покрај студенти во земјоделството и угостителството ќе може да работат и пензионери. Пензионерите ќе можат да орат, да копаат, да садат, да берат пиперки, јаболки грозје … и да го надополнат недостигот од работна сила во земјоделството. Земјоделците не веруваат дека пензионерите ќе можат да работат на нивите, бидејќи се работи за тешка физичка работа, а и сметаат дека нема потреба бидејќи засадените површини се значително намалени.

-Поради временската ограниченост на наемните работници тешко ќе дојде до реализација на оваа законска мерка. Во земјоделството не требаат пензионери, бидејќи се работи за тешка физичка работа која понекогаш се работи и на + 40 степени. Од друга страна, во земјоделството последниве години засадените површините се значително намалени, па нема ни голема потреба од сезонци. Ќе беше добро ако ова законско решение се донесеше пред 20 години кога имаше што да се бере, вели за „Локално“, Ристо Велков претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.

Ристо Велков

Ристо Велков

Тој додава дека сезонските работници во градинарството се потребни само два-три дена додека се ора, сади или бере и не им се исплати за толку кратко време да ги пријавуваат.

-На мене ми требаат неколку работници за два-три дена додека да се заврши работат. Досега немаше потреба да се пријавуваат за два-три дена, но сега ќе мора бидејќи може да не казнат. Сепак, ангажирањето на пензионери како сезонски работници може да има ефект кај берба на јаболка, грозје … каде површините се поголеми и има потреба од повеќе работна сила, објаснува Велков.

Според него, се помалку ќе има потреба од дополнителна работна сила во земјоделството, бидејќи плодното земјиште се претвори во индустриски зони и на него се поставија фотоволтаици. Она земјиште што остана никој не сака да го работи, бидејќи е многу скапо да се произведе, а откупните цени се ниски. За да се засади еден декар во градинарството потребни се над 1.000 евра за репроматеријали – семе, ѓубре, превоз, превоз …

Пензионерите кои ќе бидат ангажирани за сезонска работа во земјоделството или во угостителството нема да ја изгубат старосната или семејна пензија која ја земаат. Притоа, земјоделците ќе можат да ангажираат работници за најмногу 120 дена во текот на календарската година. Едно лице ќе може да работи најмногу 60 дена како сезонски работник или 60 дена како повремен работник, но не повеќе од 15 дена во еден месец.

Сезонските работници ќе имаат право на финансиски надомест што ќе мора да биде исплатен на нивната трансакциска сметка најдоцна пет дена по завршувањето на ангажманот. Исплатата на плата во готово нема да биде дозволена.

Казните за тие што нема да го почитуваат законот се движат од 200 евра до 1.000 евра.

Б.С.

Слични содржини