Професор Корaќ: Вучиќ е луда кукавица, подготвен на се за да ја зачува власта

од Марта Пешевска
515 прегледи

Режимот на Александар Вучиќ прави сè за да ги заплаши граѓаните и да ги одврати од учество на утрешниот протест, но тоа нема да успее, изјави психологот Жарко Корaќ, пензиониран професор на Филозофскиот факултет во Белград.

„Цела Србија утре ќе дојде во Белград за да ги поддржи студентите кои веќе четири месеци протестираат поради трагедијата во Нови Сад, каде што загинаа петнаесет лица по уривањето на настрешница на железничката станица“, вели Корaќ.

Според него, власта се обидува да го искриви јавниот дискурс, ангажирајќи луѓе кои кампуваат пред Претседателството за да создадат лажна слика за поддршка на Вучиќ.

„Тој донесе луѓе од Косово кои живеат од социјалната помош што ја добиваат од него, ги постави во шатори пред Претседателството и ги направи свој жив штит“, нагласува Корaќ.

Тој посочува дека во пресрет на протестот, Вучиќ дури ангажирал и поранешни припадници на „Црвените беретки“, единица која беше распуштена по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

„Вучиќ е свесен дека ја губи власта и знае што го чека ако тоа се случи. Затоа сега е во паника и прави сè за да остане на власт по секоја цена“, додава Корaќ.

Тој исто така предупредува дека Вучиќ се обидува да манипулира со јавноста преку континуирано присуство во медиумите и ширење дезинформации.

„Ги обвинува студентите дека подготвуваат насилство, иако целата Србија виде како неговите луѓе ги тепаат, напаѓаат и им ги кршат вилиците со бејзбол палки“, заклучува Корaќ.

Во очекување на протестот, Белград е на работ на големи политички случувања, а јавноста внимателно ги следи реакциите на власта.