Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски дека ќе поднесат кривична пријава против пратеничката Имрлијe Салиу-Фетаи од ВЛЕН за како што кажаа, грубо кршење на Деловникот околку денешното претседавање со собраниската Комисија за социјална политика, млади и демографија.
Тој нагласи дека од страна на Салиу-Фетаи грубо бил прекршен Деловникот на Собранието, поточно членот 131, со што таа директно го прекршила Деловникот на Собранието, со тоа што, како што рече, не дозволи воопшто да се отвори расправа за предлог дневниот ред, ниту можност за изменување и дополнување на дневниот ред со образоложение дека претседателот на Собранието, Африм Гаши го утврдил дневниот ред и немало потреба да се утврдува дневен ред од страна на членовите на Комисијата.
Спасовски најави и иницијатива до Уставниот суд со којашто ќе бараат да се утврди прекршувањето на правото на пратениците на коишто им беше оневозможено согласно Деловникот да постават и да предложат измена и дополнување на дневниот ред.
Блокадата на Комисијата започна во ноември минатата година, кога тогашната претседателка Илире Даути од Алијансата за Албанците одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители, доколку не се вклучи и законско решение за припадниците на УЧК. На 10 јануари, Собранието изгласа интерпелација за Даути со 61 глас „за“ и 22 „против“, по иницијатива на „Левица“, обвинувајќи ја за „кочење“ на законот. Една недела подоцна, Даути поднесе оставка од функцијата претседател на Комисијата.
Утрово Даути соопшти дека повторно е свикана седницата на оваа комисија, притоа потенцирајќи дека предлог-законот за бранителите не може да се додаде на дневен ред бидејќи рокот е истечен согласно Деловникот. Даути ја повика коалицијата ВЛЕН да ги убеди партнерите од владејачката коалиција заеднички да го изгласаат најавениот закон за поранешните војници на УЧК.
Салиу, која првично одби да претседава со Комисијата за социјална политика, но денеска ја води седницата, преку статус на Фејсбук пред два дена јасно го кажа ставот на ВЛЕН за Законот за бранители. Истакна дека законот нема да биде изгласан без вклучувањето на војниците на УЧК во него.