Денеска на предлог на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, Советот на Општина Струмица со мнозинство гласови ги разреши сите членови на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, кој досега го сочинуваа претседателот Александар Цицимов и членовите Ванчо Ристов Патриков, Ѓорѓи Пелтековски, Хризантема Рендевска, Александар Ненчев, Панче Беџовски, Катерина Милушева, Елена Достинова и Васил Крстев.
-Разрешен претседателот на карневалски одбор после 35 години и членовите на карневалскиот одбор! Време е да го отвориме карневалот и да овозможиме секој млад или возрасен струмичанец, локал патриот да придонесе за уште подобро издание на струмичкиот карневал. Да живее слободна Струмица! Да живее струмичкиот карневал, објави Костадинов на социјалните мрежи.
Иницијативата на Костадинов за разрешување дојде на 1 овој месец, на денот на одржувањето на Глaвната карневалска вечер. Како што наведе струмичкиот градоначалник немал дилеми тоа да го соопшти токму тогаш, на денот на главната карневалска вечер, за да било јасно и прецизно тоа што многу сериозно го говорел. Според него, карневалот е составен дел на како што напиша тогаш „нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација“.