ВМРО-ДПМНЕ е девет месеци на власт, не е опозиција да излегува на улица, туку треба да преземе конкретни мерки, судството не смее да биде на ниедна партија, правдата не смее да зависи од волјата на власта, изјави потпретседателката на СДСМ Кристина Костова, во дебатната емисија „Стадион“ на радио Канал 77.
Таа додаде дека со бруталните притисоци ВМРО-ДПМНЕ сака да ја омаловажи важноста на избор на сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за судијка, да ја омаловажи важноста на избор на братучед на Изет Меџити за судија.
-Дали ви е целта Судскиот совет да биде срушен на ваков неуставен начин, за потоа да бидат на удар и сите други судии коишто не ви се по волја? Сето ова се случува во еден контекст во кој излегуваат многу скандали, кои не можете да ги избегнете, сакате да си ги покриете скандалите со тоа што ќе обидете на овој начин да правите практично узурпација на правосудната власт, иако судската власт, согласно уставот, треба да е независна, порача потпретседателката на СДСМ.
Костова истакна дека власта сака да си избере синдикат којшто му е по мерка, односно ги исполнува критериумите на ВМРО-ДПМНЕ и вкусовите на Мицкоски.
-Истиот тој синдикат, со којшто пред помалку од 12 месеци и преговараа и се договораа и заедно поднесуваа закони и даваа поддршка за нивните барања, сега наеднаш тој синдикат не чини, треба да биде некој друг синдикат и не само што синдикатот не им одговара, не им одговара ниту методологијата за пресметувањето на потрошувачката, рече Костова.