Македонска реалност: Смртта демне во ноќни клубови, автобуси и болници

од Даниел Ѓорѓиевски
242 прегледи

16 март 2025 година, ќе остане длабоко врежан во поновата историја на Македонија. 16 март е денот кога згаснаа најмалку 59 млади животи а повредени се над 100 лица.  16 март ќе остане запаметен како ден кога во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се случи една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.

Пожарот избувнал околу 02:00 часот наутро, за време на настапот на познатата поп-група ДНК. Според сведоците, пиротехнички средства што биле користени во текот на перформансот предизвикале искри кои го запалиле таванот на дискотеката, изработен од лесно запаливи материјали. Огнот брзо се проширил, создавајќи густ чад што ја отежнал евакуацијата. Паниката што настанала дополнително ги усложнила условите за бегство, а голем дел од присутните се задушиле од чадот.

Прелиминарната истрага покажува дека дискотеката „Пулс“ немала валидна дозвола за работа, а во неа не биле инсталирани противпожарни системи, како што се аларми, прскалки и излези за итни случаи. Дополнително, властите истражуваат како било дозволено користење пиротехнички ефекти во затворен простор, без соодветни безбедносни мерки.

По несреќата, приведени се службени лица за кои постои сомнеж дека нелегално издале дозволи за работа, но и лица одговорни за работата на дискотеката. Во тек е истрага за корупција и несовесно работење, а според Кривичниот законик на Република Северна Македонија, можните казни за вакви прекршувања се до 20 години затвор. Прекршени се следниве закони: Член 288 – Предизвикување општа опасност; Член 292 – Тешки дела против општата сигурност; Член 353 – Злоупотреба на службена положба и овластување.

По трагедијата, властите изразија длабоко сочувство и најави итни мерки за засилување на инспекциските надзори. Владата најави ревизија на сите ноќни клубови и дискотеки во државата за да се спречат идни вакви катастрофи. Семејствата на жртвите бараат правда и одговорност од надлежните институции, а јавноста е револтирана од неспроведувањето на законите и очигледната негрижа за безбедноста во јавните објекти.

Но несреќата во Кочани не е единствен трагичен настан кој одзеде голем број на животи. Македонија во последните две децении беше сведок на неколку тешки несреќи, кои оставија длабоки траги врз семејствата на загинатите и јавноста. Од трагичната несреќа со бродот „Илинден“ во Охрид, преку автобуски катастрофи со голем број жртви, па сè до разорните пожари во објекти – секој од овие настани ја истакна потребата од повисока безбедност и системски промени.

На 5 септември 2009 година, туристичкиот брод „Илинден“ потона во Охридското Езеро, носејќи со себе 15 животи на бугарски туристи. Причината за несреќата беше пукнување на металната сајла на кормилото, што доведе до губење на стабилноста и брзо потонување на бродот. На денот на несреќата, 57 патници и 2 члена на екипажот се качиле на бродот, кој пловел кон манастирот Св. Наум. Членовите на туристичка група од Бугарија се радувале на прекрасниот ден, не насетувајќи дека нивната екскурзија ќе заврши трагично. Во близина на местото Елешец, бродот нагло почнал да тоне.

По трагедијата, беа покренати истраги за да се утврди одговорноста за несреќата. Капетанот на бродот, Сотир Филевски, беше уапсен и подоцна осуден на една година затвор за загрозување на безбедноста на патниците. Се истражуваше и германската компанија „Lloyd’s Register“, која ја спровела техничката инспекција на бродот само неколку месеци пред несреќата. Сепак, немаше правни последици за оваа компанија.

На 13 февруари 2019 година, Македонија беше сведок на една од најстрашните сообраќајни несреќи во поновата историја. Автобус на компанијата „Дурмо Турс“, кој сообраќаше на релацијата Скопје – Гостивар, излета од автопатот кај селото Ласкарци и падна во провалија. Во оваа страшна несреќа животот го загубија 16 лица, а 35 беа повредени. Автобусот тргнал од Скопје во попладневните часови, но на автопатот кај Ласкарци, возилото нагло излетало од патот и се превртело во провалија. Според официјалната истрага, главните причини за несреќата биле повеќе фактори од прекумерна брзина до техничка неисправност и здравствена состојба на возачот кој го управувал автобусот.

По повеќегодишна истрага, на 19 октомври 2022 година, беше изречена правосилна пресуда за несреќата.  Возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, беше осуден на 14 години затвор за предизвикување тешка сообраќајна несреќа.  Сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, доби 4 години затвор, бидејќи дозволил автобус со неисправни кочници да биде во сообраќај. Други 5 лица, вклучувајќи технички лица од компанијата, беа осудени на затворски казни од 2 до 6 години за манипулации со техничките прегледи.

На 23 ноември 2021 година, на автопатот „Струма“ во Бугарија, се случи уште една сообраќајна трагедија. Автобус на туристичката компанија „Беса Транс“ од Скопје, кој превезуваше се запали и во страшниот пожар загинаа 46 лица, меѓу кои 12 деца. Ова е најголемата автобуска несреќа во Европа во последните неколку децении.
Автобусот додека се враќал од Истанбул кон Скопје, возејќи по бугарскиот автопат „Струма“, кога во околу 2 часот наутро удри во заштитна ограда и за само неколку минути се запалил. Според официјалната истрага, можните причини за несреќата биле: Возачка грешка – автобусот нагло се поместил во десната лента и удрил во заштитна ограда. Технички недостатоци – автобусот имал проблеми со сопирачките и немал валидна дозвола за меѓународен транспорт. Канистри со гориво во автобусот – се сомнева дека во автобусот имало нелегално складирано гориво, што придонело за брзото ширење на пожарот Автобусот изгоре за неколку минути, а само седум патници успеаја да избегаат низ прозорецот.

По несреќата, бугарските и македонските власти покренаа темелна истрага. Сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, беше под истрага поради незаконска работа на компанијата. Откриено е дека автобусот немал валидна транспортна лиценца и користел фалсификувани документи. Компанијата „Беса Транс“ беше затворена, но не беа изречени затворски казни за нејзините одговорни лица. Македонските власти објавија дека се спроведуваат реформи во контролата на превозниците, но семејствата на загинатите се незадоволни од правдата и бараат построги казни.

На 8 септември 2021 година, Македонија беше потресена од уште една катастрофална несреќа – пожарот во модуларната болница за ковид-пациенти во Тетово. Огнената стихија за само неколку минути го проголта целиот објект, при што животот го загубија 14 пациенти, а повеќе лица беа повредени.

Во болницата, каде што биле сместени ковид-пациенти, пожарот избувнал околу 21:00 часот. Според истрагата, огнот започнал поради:  Краток спој во продолжен кабел што бил поврзан со дефибрилатор. Брзо ширење на пожарот поради запаливи материјали во модуларната конструкција. Недостаток на противпожарен систем – немало прскалки за гаснење пожар. Целиот објект изгоре за помалку од пет минути, оставајќи пациентите и медицинскиот персонал без шанса за бегство.

По несреќата, јавноста бараше одговорност за слабата безбедност во модуларните болници, кои беа изградени за време на ковид-пандемијата. Директорите на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, како и доктор Бобан Вучевски, беа обвинети за „тешки дела против општата сигурност“.  Во 2023 година, тие беа осудени на условни казни, што предизвика огромно незадоволство кај семејствата на загинатите. Министерството за здравство не ја презеде директната одговорност, но призна дека модуларните болници биле изградени без доволни безбедносни стандарди.

Овие трагедии се болни лекции за целото општество. Секој изгубен живот е потсетник дека безбедноста не смее да биде компромис, а одговорноста не смее да биде избегната.

Д.Ѓ

Слични содржини