Пратеничката од редовите на Левица, Јована Мојсоска објави фотографија на социјалните мрежи, според која, како што тврди, се упатени закани кон граѓани кои што повикуваат на протест поради трагедијата во Кочани и смртта на 59 наши сограѓани.
Како што истакна пратеничката, заканите биле упатени од страна на сопруг на една од пратеничките од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој одвратен коментар е напишан од страна на мажот на пратеничката од ДПМНЕ – Олга ЛОЗАНОВСКА, во група каде битолчани легитимно и оправдано најавуваат протест за убиството која ја зацрна Македонија! И мојот револт е уште поголем што доаѓа од човек, чија сопруга-пратеничка е ПАРАЗИТ на овој трул систем и е рекордер во патни трошоци.
Па токму Олга Лозановска во 2023 за 11 месеци наплати 9.000 евра! Во држава која нема респиратори, каде нема кревети во болниците, каде завои се збираат со донации и зависиме од помошта на други држави. Па, Пловдив и Варна имаат центри за лекување изгореници, а главниот град Скопје нема“, стои меѓу другото во објавата на Мојсоска.
Лозановска е втор мандат како пратеничка во Парламентот, а претходно била и советничка во Советот на Општина Битола.
Здружението „Кој е следен“ повика на собир денес во 18 часот, на плоштадите низ територијата на целата држава поради жртвите од пожарот во дискотеката која нелегално работела. Од „Кој е следен“ велат дека во овие траорни денови, Македoнија повторно треба да биде заедно и да си даде утеха.