„Млади раскажуваат како изнесувале свои изгорени другари“: Д-р Беќаровски за примените пациенти на Токсикологија и хоророт што го преживеале

од Nikola Popovski
3,7K прегледи

Докторот и екс-директорот на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски информираше дека повеќе млади биле хоспитализирани на клиниката, а го преживеале пожарот во кочанската дискотека. Според него, секој од младите има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале во тие 10-30 минути додека траел хоророт во „Пулс“.

Како што објави докторот, преживеаните „раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности“.

Беќаровски жали и оценува дека „ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник“.

На 20-ти март, четврток, Македонија ќе се прости од 59-те жртви од најголемата трагедија во поновата историја. Најголем дел од загинатите ќе бидат погребани на градските гробишта во Кочани. Богослужбата за упокоените ќе ја води поглаварот на Македонската православна црква г.г Стефан придружуван од неколку владици од Синодот. Погреби ќе има и во Чешиново – Облешево, Штип, Скопје, Македонска Каменица, Виница и Пробиштип.

Релативно стабилна е здравствената состојба на повредените по катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани кои се хоспитализирани во земјава и во странство.

На Клиниката за токсикологија има 13 пациенти со изгореници на горните дишни патишта и труење со јаглерод моноксид, кај дел очекувани се компликации. Во потешка состојба се пациентите кои се лекуваат во странство, но добра вест стигнува од Анкара, 5 од 6 пациенти кои се хоспитализирани таму веќе самостојно дишат.

Слични содржини