Денеска продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорческа и Панче Жежоски откако на минатото рочиште во Основен Кривичен суд Скопје беше сослушан Велибор Манев, еден од обвинетите. Според најавеното, по сослушувањето на Манев, треба да сведочат Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Љупчо Палевски.
Манев веќе призна дека заедно со Влатко Кешишев ја копале земуницата во која требало да бидат чувани грабнатите лица. „Првично требаше Панче Жежовски да биде киднапиран и држен во земуницата, а потоа да се замени со друга жртва – жена на возраст од 38-40 години,“ сведочеше Манев. Според сведочењето, Палевски го организирал целиот план, а за таа цел се барало необележано или украдено возило. „Палевски инсистираше да се најде пензионер со возило кое ќе се искористи за грабнување“, изјави Манев, додавајќи дека одлуката за грабнување на Панче ја донеле заедно.
Клучната снимка која требаше да покаже каде бил првообвинетиот Палевски ноќта кога е убиен велешанецот Панче Жежовски – одбраната не ја прикажа во судницата. Со неа сака да му даде алиби на Палевски дека автомобилот рено кангу бил во Скопје, а не во Велес. Палевски побара изземање на судијата Ивица Стефановски од предметот за двојното убиство. Според него, судијата бил пристрасен и не му давал да ги произнесе неговите докази. Судот ова барање на Палевски го отфрли.
„Доживотна робија не ме плаши и ниту влијае на мене. Има докази кои судијата не сака да ги види, ниту дозволува да ги презентирам. Не знам како судијата ќе ги цени доказите кога не ги прочитал“, рече Палчо во судницата.
Одбраната побара и вештачење на чаурата со калибар девет милиметри пронајдена на местото каде што е убиен Панче Жежовски.
„Кога некој се товари за убиство невозможно е за најдена чаура да побарате вештачење само од какво оружје е испукана и од кој калибар е, без притоа чаурата да биде и балистички вештачена, за да се утврди дали е испукана од оружје кое е легално, за кое некое лице има дозвола, или е од нелегално оружје, купено на црн пазар. До денес ЈО не го сторило тоа, а товари лица за убиства“, изјави адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски.
Адвокатите побараа во судница да дојде и вештото лице и да се види дали има днк-траги на чаурата.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.