Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ се огради од присуството и говорот на министерката за образование Весна Јаневска на студентскиот собир во чест на загинатите во трагедијата во Кочани. Од собранието тврдат дека министерката воопшто не била поканета ниту да присуствува, ниту да зборува на настанот, што предизвика негативни реакции во јавноста.
Ректорката Биљана Ангелова и министерката Јаневска беа единствените што говореа на собирот, а студентите бурно реагираа на обраќањето на Јаневска, изразувајќи незадоволство.
„Нејзиниот говор, самото одржување, како и неговата содржина, не беа во агендата на одвивање на настанот. Нашата одлука, за којашто со мнозинство се изгласа на состанокот на 16 март, беше само двеминутно обраќање на ректорката во знак на солидарност и изразување сочувство“, се вели во соопштението од УСС-УКИМ.
Како одговор на случувањата, студентското собрание најави промени во начинот на организирање на идните собири. Тие соопштија дека веќе нема да организираат големи собири, туку активностите за изразување почит ќе се одвиваат на ниво на факултети, во координација со факултетските студентски собранија.
„Со цел да не се создаваат поголеми гужви во моменти кога медицинската помош и полицијата се најпотребни на други локации, големи собири по кампуси нема да се организираат. Наместо тоа, студентите ќе можат да изразат почит на своите факултети, а УСС-УКИМ ќе понуди логистичка поддршка“, се додава во соопштението.
На говорите на Јаневска и Ангелова реагираше и здружението „Студентски отпор“, кое оцени дека станува збор за „срамна институционална експлоатација на трагедијата“.
„Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција“, се вели во нивната реакција.
Студентите порачаа дека во овие тешки моменти најважно е заедништвото и заемната поддршка, повикувајќи на достоинствено и солидарно оддавање почит на жртвите.