Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), изготви медиумски протокол за известување од погребите на жртвите од трагичниот пожар што се случи на 16 март во Кочани.
Од Владата соопштија дека протоколот има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
ЗНМ и ССНМ апелираа до новинарите и медиумите при известувањето да се придржуваат кон етичките принципи за почитување на личната болка и достоинството на семејствата, да избегнуваат сензационализам и да објавуваат само проверени информации.
„Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите. Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации и емотивно набиени наративи, фотографии и видеа“, стои во протоколот.
Според безбедносните мерки, полицијата ќе обезбеди посебна зона за медиумите на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР, а ќе важи и забрана за користење беспилотни летала (дронови).
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) исто така повика медиумите да известуваат без сензационализам и да ја почитуваат болката на семејствата, роднините и најблиските на загинатите.
Во пожарот што се случи ноќта меѓу саботата и неделата, животот го загубија 59 млади лица. Погребите ќе се одржат денеска во Скопје, Кочани, Штип и Облешево.