Поворката со посмртните останки на загинатите од Скопје во трагичната несреќа во Кочани, тргнува од градските гробишта во Бутел. Нивните роднини, пријатели, другари ќе ги испратат до вечните почивалишта.
Погребот на жртвите во Кочани ќе се одржи во 12 часот. За жителите од овој град денеска е неработен ден. И во Штип во вечните почивалишта ќе бидат испратени петте жртви од катастрофалниот пожар од овој град на истокот во земјава. Погреби ќе има и во Облешево.
-Состојбата кај повредените кои се лекуваат во земјава не е животозагрозувачка, велат здравствените власти.
Со погребот во Кочани ќе чинонаначaлствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со повеќе архиереи од МПЦ-OA. Од МПЦ – ОА замолуваат за достоинствено и христијанско однесување.
Митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион по несреќата каде што згаснаа животите на 59 лица, повика со молитва кон Бога, со трпение, со смирение да се подготвиме и починатите да ги испратиме во вечноста и болните да се молиме Господ Бог да ги исцели и да ги излечи. Тој изрази сочувство до родителите, роднините и блиските на починатите, а на починатите им посака човековљубивиот Бог да ги насели во царството небесно меѓу ангелите и светители
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов претходно упати апел да ги оставиме унесреќените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб.