Експертите смируваат: Градежните лиценци на фирмите не се поврзани со сигурноста на градбите, граѓаните можат мирно да спијат

Граѓаните не треба да стравуваат: Градежните лиценци на фирмите важат за административни работи

од Nikola Popovski
8,7K прегледи

По трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, од Министерството за транспорт и врски денеска соопштија дека во моментов се контролираат сите издадени лиценци согласно законот за градба и законот за урбанистичко планирање. Според министерот Александар Николоски, 15% од приватните фирми кои имаат лиценци за изградба, проектирање и надзор на градби од А и Б категорија не ги исполнуваат условите за работа и лиценцата им е одземена. Ова значи дека по издавањето на лиценците, престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои истите се издадени. Ова е податок од 643 проверени на издадени 1.100 лиценци.

Во јавноста се постави дилемата што ќе биде со изградените градби на овие оператори односно дали граѓаните треба да стравуваат за својата безбедност во живеалиштата. Дел од експертите ги смируваат работите и тврдат дека луѓето не треба да бидат загрижени. Според архитектот, Мартин Пановски, лиценцата важи за административни работи колку вработени, инженери итн.

-Пример еден човек си дал отказ во фирмата и не вработиле друг со овластување или заминал во пензија и ќе им се одземе лиценцата. Ако кажале дека не ги исполнуваат условите – колку вработени имате со овластувања од Комора. Нема никаква врска со сигурноста на градбите, посочи тој во кратка изјава за „Локално“.

Со сличен став е и архитектот и професор, Мирослав Грчев. Потенцира дека граѓаните не треба да се плашат. Како што вели, нив ги штити правниот поредок, Уставот и принципот за неповратно делување на законите и прописите.

Мирослав Грчев

-Имаат уставна и законска гаранција да не се плашат и мирно да спијат. Не можете да исполнувате пропишани услови наназад. Затоа викам принципот за неповратно делување на законите, одлуките, прописите и ништо не може назад да делува. Инспекциите и проверките се извршени во овој момент. Таа не може да важи за работи кои што се правно формирани и затворени. Не може да има последици по нив, посочува тој.

Според него, aко зградите имале технички прием и добиле дозвола и биле впишани во Катастарот за недвижности, се што Законот за градење предвидува за една градба да биде пуштена во употреба според нејзината намема, ако сето тоа е направено, оваа одлука и соодветните одлуки на инспекторските и инспекциските тела, не можат да влијаат на претходно регулираните и правно регулираните згради. Значи имаме ние уставно начело кое што е спроведено во сите закони, а тоа е дека и законите и прописите и одлуките на државните органи не можат да се применуваат наназад и не можат да бидат ретроактивни освен во исклучок ако повратното дејство е поповолно за граѓаните. Оти тоа се завршило, а сега се пронајдени неправилности, тогаш значи дека овие одлуки и решенија за одземање на лиценци, можат да имаат дејство нанапред и само на работите на тие оператори. Граѓаните можат мирно да спијат. Сите на кои што процесот на завршување на градба и добивање на потребните дозволи и впишувањето во Катастарот, сите тие граѓани можат мирно да спијат. Инспекциите и проверките се извршени во овој момент. Таа не може да важи за работи кои што се правно формирани и затворени. Не може да има последици по нив, дециден е експертот во изјавата за „Локално“.

Николоски денеска информираше дека на 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија. На 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија. На 2 правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија. На 6 правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија. На 3 правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија. На 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија. На 2 правни лица одземена му е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија. На 1 правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија и на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.

По трагедијата во соседна Србија кога 16 лица загинаа во падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, се постави прашањето околу квалитетот на градбите во земјава. Потребно е континуирано одржуање и техничка контрола. Најголем проблем кај нас, според експертите, се дивоградбите за кои немаме податоци за прокетот, но и начинот на градење. Безбедноста и квалитетот на градбите зависи од сите ангажирани субјекти во градењето: проектантите, ревидентите, изведувачите и надзорот, односно контролата. Се бараше надлежните да не чекаат и да се фатат за работа и да ги испитаат сите градби, особено оние каде има најголема фреквенција од луѓе, оти таму се јавуваат и најголемите проблеми.

Слични содржини