Вкупно во болниците во Скопје се наоѓаат 39 пациенти кои ја преживеаја трагедијата во Кочани. 12 од нив се на Клиничкиот центар, 10 во старата Градска болница, 10 во „8-ми Септември“. Во приватните клиники има 7 пациенти. Денеска се испишуваат 12 пациенти и практично ќе останат 27 пациенти кои се лекуваат на клиниките во Скопје.
Според министерот за здравство, Арбен Таравари, во странство и понатаму има 115 пациенти. Еден пациент денеска се враќа од Белград и ќе биде сместен во една од клиниките во Клиничкиот центар во Скопје. Тој е во добра општа состојба, но ќе остане на понатамошно лекување и набљудување.
-Веќе има понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилтација на потешките пациенти кои по неколку недели ќе се вратат во Македонија. Изразуваат подготвеност. Дополнително ќе известиме каде ќе бидат сместени тие пациенти, истакна Таравари.
Министерот говореше и за младиот херој Јован Костадинов кој спасил 20 деца од пожарот во Кочани.
-Јован престојуваше на Клиниката за токсикологија. Знам дека имал интоксикации, а за изгореници немам таква информација. Тој е пуштен на домашно лекување, истакна Таравари на брифинг со новинарите.