Соединетите Држави (САД) изразија загриженост поради апсењата и демонстрациите во Турција.
„Државниот секретар изрази загриженост за неодамнешните апсења и протести во Турција“, се вели во соопштението на Стејт департментот, објавено доцна синоќа по средбата меѓу американските и турските дипломати Марко Рубио и Хакан Фидан.
Ова е прва официјална реакција на американскиот државен секретар на одговорот на турската влада на протестите. Вашингтон досега апелираше за почитување на човековите права.
Демонстрантите повторно се собраа на улиците во Турција и вчера. Од почетокот на големиот бунт предизвикан од апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, повеќе од 1.400 луѓе се уапсени во Турција.