Трогателна објава на Стојанов: Моите деца се уште имаат татко благодарение на докторите, тие се вистинските херои

од Nikola Popovski
830 прегледи

Првиот пациент кој се лекуваше во странство, Дарко Стојанов се врати дома и се огласи со трогателна објава на социјалните мрежи. Откри дека неговата здравствена состојба е добра и стабилна, но и дека сега следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици. Тој беше сместен во една од здравствените установи во Србија.

-Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне, Раната на душата кој ќе крвари во мене до крајот на мојот живот, порача Стојанов.

Се заблагодари на докторите во Србија, за кои посочува дека му го спасиле животот.

-Благодарам на сите институции кои беа вклучени во организирањето и реализацијата за лечење во СРБИЈА и останатите земји. Доколку не се случеше тоа, не знам дали сега ќе го пишував ова. Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои. Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за се што прават. Се надевам дека овие херои што побрзо ќе добијат се што заслужуваат. Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ, додаде еден од повредените во ужасниот пожар во Кочани.

Во својата објава, тој додаде и:

-Моите деца сеуште имаат татко благодарение на докторите, и НЕВЕРОЈАТНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И ТЕХНИЧАРИ од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. БЛАГОДАРАМ СРПСКИ НАРОДЕ. Гушнете ги најблиските, фамилијата, пријателите. кажете им дека ги сакате. никогаш не можете да знаете кога е тоа за последен пат, стои во пораката на Стојанов.

Најмалку 59 лица загинаа во пожарот што избувна ноќта на 15 и 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Најмладата жртва имаше само 14 години. Повредените првично беа пренесени во болниците во Кочани, Штип и Скопје, а најтешко погодените со итен транспорт однесени во околните земји.

Слични содржини