Тотален хаос во Ред Бул, Верстапен сака Лосон да остане

од Vladimir Zorba
74 прегледи

Ситуацијата во Формула 1 тимот на Ред Бул продолжува динамично да се развива, а ретко кој во моментов може да предвиди кој ќе го вози вториот болид на тимот на претстојното Јапонско ГП.

Холандските медиуми тврдат дека тимските шефови одлучиле да го заменат Лиам Лосон со Јуки Цунода од Рејсинг Бул, а тоа ќе се случи навреме за викендот на трката во Сузука следната недела.

Во исто време се појавија информации дека главните акционери во Ред Бул биле незадоволни од работата на раководството на тимот, застапувано од Кристијан Хорнер и д-р Хелмут Марко и на двајцата им се заканува отказ, а доколку тоа се случи, нема да биде само смената на Лосон со Цунода.

Но, весникот De Telegraaf објави дека ѕвездата на Ред Бул, Макс Верстапен е против замена на Лосон и светскиот шампион им објаснил на своите шефови дека оваа одлука била избрзана по само два старта на Лиам со RB21.

„Многу е интересно што мисли Макс за одлуката на управата на Ред Бул да го жртвува Лијам Лосон по само две трки и да го донесе Јуки Цунода“, напиша De Telegraaf, кој редовно објавува написи кои секогаш се блиски до позицијата на семејството Верстапен. „Јасно е дека Макс не се согласува со одлуката на неговите шефови да интервенираат толку брзо во оваа ситуација“.

Лосон заврши на дното на квалификациската колона на почетокот на сезоната и остана далеку од бодовите на трките. Новозеланѓанецот призна дека немал самодоверба зад воланот на RB21, но исто така призна дека е малку веројатно некој да му даде време да се чувствува посигурен на патеката.

Сепак, поранешниот Формула 1 возач Дејвид Култхард предвиде дека замената на Лосон со Цунода нема да биде за Јапонија, со тоа што Лиам ќе добие последна шанса во Сузука да го спаси своето место.

Слични содржини