Стојковски: Во регион кој и понатаму е чувствителен на надворешни влијанија и историски конфликти, членството во НАТО има стабилизирачка улога и ја прави Македонија фактор на безбедност

Македонија стана доверлив партнер во Алијансата, а безбедносните гаранции што ги доби придонесоа за подобрување на нејзината регионална позиција што се потврди и со именувањето на Шекеринска, вели Стојковски за „Локално“ по повод годишнината од членството

од Nikola Popovski
183 прегледи

Ако некогаш сум имал дилема за потребата од членството во НАТО, тогаш инвазијата на Русија врз Украина ми помогна да ја изгубам и последната трунка од недоверба. Членството на С. Македонија во НАТО донесе значајна политичка и безбедносна стабилност, секако безбедносна гаранција. Членството претставува и зголемен меѓународен кредибилитет на државата, модернизација на армијата и поттик за институционални реформи, кои сепак зависат од политичката волја на владата, но и од притисокот на сојузниците, вели во разговор за „Локално“, извршниот директор на „Преспа институтот“, Андреја Стојковски за придобивките по петгодишнината од членството на Македонија во НАТО.

Како што појаснува, од политичка гледна страна, земјата стана доверлив партнер во Алијансата, а безбедносните гаранции што ги доби придонесоа за подобрување на нејзината регионална позиција што се потврди и со именувањето на поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, за заменичка на генералниот секретар. Предизвиците остануваат, но членството секако е историско достигнување.

Стојковски е дециден дека членството на Македонија во НАТО значително ја зајакна безбедносната позиција на земјата и ја заштити од директно вклучување во можни регионални конфликти, особено во контекст на зголемените тензии во Европа поради војната во Украина.

-Како дел од најсилниот систем на колективна одбрана во светот, државата е под закрилата на членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува дека напад врз една членка е напад врз сите. Тоа испраќа силна порака за одвраќање на каква било агресија. Дополнително, присуството во НАТО ја вгради Северна Македонија во систем на размена на информации, координација при кризи, и спротивставување на хибридни и сајбер закани. Во еден регион кој и понатаму е чувствителен на надворешни влијанија и историски конфликти, ова членство има стабилизирачка улога и ја прави земјата фактор на безбедност, наместо потенцијална жртва на нестабилноста, наведува соговорникот.

Директорот на „Преспа институтот“ објаснува дека членството во НАТО е важна основа за остварување на вистинскиот економски потенцијал. Но, тој ќе се реализира само ако на членството се придодадат домашните реформи. Со други зборови, според него, членството отвора врати, но колку инвеститори ќе поминат низ нив – зависи од нас.

-Да појаснам, членството во НАТО испраќа сигнал за стабилност, предвидливост и владеење на правото – што се клучни предуслови за странските инвестиции. Во случајот на Македонија, членството во Алијансата дефинитивно го подобри меѓународниот имиџ на земјата и ја позиционираше како безбедна дестинација на картата на инвеститорите. Сепак, голем инвестициски бум сè уште не се случил, главно затоа што членството беше во екот на пандемијата, а во постпандемискиот период покрај економската криза, светот се соочи и со безбедносната криза и инвазијата на Русија во Украина, како и поради тоа што безбедноста е само еден дел од равенката. За да се привлечат значајни странски инвестиции, потребни се и правна сигурност, ефикасна администрација, предвидливи политики, квалификувана работна сила и реална борба против корупцијата кои зависат од домашните реформи и политичката волја на елитите, нагласува Стојковски.

Најавите за селективен пристап кон членките на НАТО од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и неговото барање за зголемување на трошоците за одбрана, отвораат важна дебата за одржливоста и солидарноста во рамки на Алијансата, оценува соговорникот. Меѓутоа, како што додава, суштината на НАТО не може да се сведе само на процентот од БДП за одбрана – тоа е политичко-воена алијанса заснована на доверба, колективна безбедност и заеднички вредности.

-Иако финансискиот придонес е важен, особено за САД кои носат најголем товар. Сепак за САД се важни и сојузниците кои значително го подигнуваат безбедносниот капацитет на алијансата и ја зајакнуваат нејзината ударна сила. Од друга страна моделот кој ги фаворизира членките кои инвестираат во одбраната го подрива принципот на заедничка одбрана (член 5), кој е темелот на НАТО.

Во таа смисла, алијансата останува значајна, а членството во неа за држави како Северна Македонија останува атрактивно. Лично, ставот на администрацијата не го гледам како промена на архитектурата на Алијансата, туку како зголемен политички притисок за исполнување на обврските. За нас, предизвикот ќе остане да ги зајакнуваме нашите капацитети, но и да останеме активни и одговорни, покажувајќи дека безбедноста не се мери само со пари, туку и со придонес, лојалност и вредности, порачува извршниот директор на „Преспа институтот“.

Македонија како 30-та членка на НАТО покажа дека е доверлив партнер на Алијансата. Македонија е меѓу сојузниците со најмалку два проценти од БДП воен буџет, меѓу најголемите донатори за Украина и учествува во операциите на НАТО во Бугарија, Романија, Литванија и на Косово.

Н.П.

Слични содржини