Јаневска од „Кој е следен“: Паранојата за шарена револуција и етикетите поврзани со Сорос се за да ги задушат нашите чисти мотиви

од Даниел Ѓорѓиевски
727 прегледи

Милена Јаневска, претставничка на граѓанското движење „Кој е следен“, во изјавата за медиумите истакна дека оваа иницијатива не е регистрирана организација, туку група граѓани со различна позадина и возраст, обединети по трагедијата со Фросина, која загина на Партизанска. Според неа, целта на движењето е да се подобри безбедноста во државата и Скопје. Јаневска нагласи дека очекувале голем број присутни на последниот протест, но не во толку голем обем, што според неа доаѓа природно поради големиот револт на општеството.

„Бројката на луѓе не изненади поради временските услови. Очекувавме голема присутност, бидејќи револтот на граѓаните е оправдано гневен. Важно е што протестот помина без инциденти и што се одвиваше како што треба“, рече Јаневска.

Таа објасни дека движењето „Кој е следен“ нема формално лидерство, туку секој член дава свои предлози. Јаневска нагласи дека барањата на „Кој е следен“ се поделени во два корпуси: одговорност и безбедност.

Во делот за одговорност, Јаневска нагласи дека бараат транспарентност и јавно објавување на целата документација на дискотеката во Кочани, од почетокот на нејзиното функционирање до трагичниот настан.

„Тие документи спаѓаат во јавниот домен и се од јавен карактер. Бараме правична ревизија и транспарентност. Ако институциите утврдат дека некои документи се тајни и не можат да бидат достапни на јавноста, тоа го прифаќаме, но сите документи кои се од јавен карактер треба да бидат на увид“, изјави Јаневска.

Таа истакна дека трагедијата во Кочани е кулминација на сите претходни трагедии, па затоа бараат создавање регистар и дигитална платформа за инспекциски надзор на локалите. Јаневска нагласи дека тие предлагаат централен број за пријавување на неправилности до институциите, но таа нагласи дека иницијативата бара истрагата да утврди кој има одговорност, бидејќи нивната иницијатива не е поврзана со ниту една политичка партија. Според неа, барањата на движењето се насочени кон одговорност, транспарентност и безбедност.

„Ние не сме поврзани со никаква политичка партија и не сме политичка партија. Работиме на процес каде што ќе биде позасилен моментот на филтрирање. Ако сакате да се приклучите на нас за работа на побезбедна држава, ќе треба да пополните формулар: од каде сте, што сте и зошто се приклучувате. Јас не бев тука кога се случи настанот со Фросина, но пополнив формулар и транспарентно се приклучив. Разбирам паранојата за шарената револуција и етикетите поврзани со Сорос. Нормално е да има вакви етикетирања, бидејќи нашите чисти мотиви сакаат да ги задушат“, изјави Јаневска.

Слични содржини