Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) упати апел до Европската комисија (ЕК) да ги следи случувањата околу истрагата за трагедијата во Кочани. Според партијата, актуелната власт ја префрла вината на сите околу себе, со цел да ги заштити оние кои се одговорни за избегнување на овој инцидент.
ДУИ предлага испраќање на правни експерти од Европската комисија за активно учество во следењето на овој случај, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и правичност. „Со својата стручност и знаење, тие ќе помогнат во работата на собраниската комисија која треба да се формира под меѓународен надзор“, велат од партијата.
„Оваа сериозна ситуација бара активирање на сите механизми за да се спречи потполно пропаѓање на правната логика, што би имало длабоки последици за политичкиот развој на нашето општество и за неговата усогласеност со европските принципи и вредности. Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права се основни принципи на ЕУ и мора да бидат заштитени и во Северна Македонија“, додадоа од ДУИ.
Партијата нагласи дека трагедијата во Кочани е најеклатантен пример за селективна правда во државата, бидејќи се претворила во фарса, каде што сите се обвинети, освен членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во верижниот синџир на виновници, министерот за внатрешни работи не е опфатен, иако 13 месеци пред трагедијата бил свесен за постоењето на нелегален ноќен клуб што ги прекршувал сите безбедносни стандарди. Државниот инспекторат и Управата за јавни приходи не презеле никакви мерки. Наместо тоа, одговорниот министер секојдневно ги истакнува другите виновници, обидувајќи се да се ослободи од моралната политичка одговорност“, изјавија од ДУИ.
Основните принципи на ЕУ, како што се демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, мора да бидат задржани и во Република Северна Македонија, заклучија од партијата.