Евроамбасадорот, Михалис Рокас денеска откри во кои области и институции Македонија најмногу доцни со реформската агенда.
-Јас би рекол две области во кои треба најмногу да се фокусираме: владеењето на правото и јавната администрација. Потребна е компетентна јавна администрација која што ќе може да ги спроведе сите реформи. Во делот на владењето на правото работиме напорно и знаеме дека е голем приоритет. Стагнираше во изминатите неколку години и затоа треба да имаме конкретни чекори напред и да ги имаме многу скоро, рече Рокас на прес-конференцијата во Владата заедно со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
За состојбите во правосудството и интерпелациите на членовите на Судскиот совет, евроамбасадорот вели дека одблиску ги следат состојбите. Вели дека дадени се голем број препораки како треба да се случуваат реформите во судството, особено за Судскиот совет.
-Нашиот став е дека се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и функционирањето на СС е прашање кое предизвикува загриженост кај нас. Сите знаеме дека правните основи за распуштање не се поврзани со интерпелацијата. Таа е поинаква процедура. Сакаме преку реформите на кои што чекаме, да видиме силно судство за да се изборите со корупцијата во земјата, што е прв приоритет, рече меѓу другото Рокас.