Шукова: Мора да има кривична одговорност за еколошката катастрофа во Крива Река

од Љубиша Владимиров
92 прегледи

СДСМ го осуди најновиот еколошки инцидент во Крива Река, каде што се излеале отрови, тешки метали и цијанид, кои создаваат сериозна опасност за животната средина и здравјето на граѓаните. Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, нагласи дека ова не е само еколошка катастрофа, туку и директен резултат на институционалните пропусти кои доведоа до сериозна закана по здравјето и животот на луѓето.

„Загрозени се земјоделски површини, бунари и води во Крива Река, Пчиња и Вардар. Прашањето е колку нашите граѓани се изложени на контаминирана храна која може да биде опасна за здравјето?“ – праша Шукова.

Пазарите во Скопје, Куманово, Велес и Паланка се снабдуваат со производи кои се наводнуваат токму со водите од овие реки, што ја прави ситуацијата уште потешка.

„Ова е огромен скандал за кој мора да има одговорност. Екоцидот е кривично дело согласно македонските закони. Не може да останеме равнодушни кога цела заедница е загрозена“, додаде таа.

Шукова ги критикуваше и државните институции, особено Инспекторатот за животна средина, кој според неа не ги презел неопходните мерки, туку ја минимизирал хаваријата, тврдевши дека се излеала „само вода“. СДСМ бара темелна и независна истрага, како и јавноста да биде информирана за сите инспекциски извештаи во врска со рудникот Тораница.

„Односот на институциите е катастрофален и мора да се преземат одговорност за затајувањето на ваквиот еколошки инцидент. Ние ќе бараме оставка од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски, кој свесно ширел дезинформации“, изјави Шукова.

СДСМ бара одговорност од сите инволвирани страни, вклучувајќи и одземање на еколошката дозвола за рудникот Булмак 2016, кој според партијата има сериозни и повторени прекршувања.

„Ова не е локален проблем. Ова е прашање за јавната безбедност и здравје на сите граѓани во Македонија. Ако правдата не победи, ќе бидеме соучесници во овој еколошки криминал“, заклучи Шукова.

СДСМ ќе продолжи да бара правдата за загрозеното здравје на граѓаните и ќе се бори за правично и транспарентно решавање на овој еколошки скандал.

Слични содржини