Почитувани браќа и сестри, 1080 на број, колку што има функционери и колку што сме денеска, ви благодарам за поддршката. Следниот пат ќе бидеме 3000 и ќе бидеме 30000, рече првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов на денешниот протест со цел зголемување на минималната плата на ниво од 500 евра.
Најави дека повторно ќе ги повика работниците, но и политичките партии, да не добиваат политички поени и сите заедно да застанат за изгласување на поголема плата и достоинствени услови за работа.
ССМ својот протест го почна од Работничкиот дом, преку Собранието и Стопанската комора и заврши пред зградата на Владата. Трендафилов истакна дека на јавната седница на Собранието на ССМ донеле едногласна одлука за цела Влада и сите функционери да бидат на минимална плата.
-ССМ и органите и телата ви донесоа одлука сите вие на минималец. Доколку не ја почитувате, можен е генерален штрајк, а доколку не ги зголемите платите на работниците, возможни се протести. Денеска сме тука за да побараме од вас. Имате партиски синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира и на кои им давате ветер во грб за да вршат притисоци. Извадете ги розевите наочари и читајте ги коментарите на луѓето по социјалните медиуми. Не сме за рушење на Владата туку за притисок за зголемување на платата, рече меѓу другото првиот синдикалец пред Владата.
На почетокот пред Работничкиот дом, работниците со едноминутно молчење им одадоа почит на трагично загинатите во трагедијата во Кочани.
Фото: Локално