🎬 Нова снимка со сведоштво на преживеаните од Кочани: Во првите 10 минути бев свесна, потоа изгубив свест, преживеав благодарение на мојот другар Јован

од Љубиша Владимиров
547 прегледи

Стравот и хаосот владееа во дискотеката „Пулс“ во Кочани по страшниот пожар кој избувна во моментите кога многу млади луѓе беа внатре. Јелена Арменска, една од преживеаните, раскажа за своето искуство и за херојството на пожарникарите, полицијата и обезбедувањето, кои дадоа сè од себе за да ги спасат луѓето.

„Во првите 10 минути бев свесна, но потоа изгубив свест. Преживеав благодарение на мојот другар Јован“, вели Јелена. По трагичниот настан, таа се лекуваше на Токсикологија, потоа на Карил и на крајот во клиниката „Ла Пас“ во Мадрид, Шпанија, каде што помина една недела. „Беше страшно. Имаше многу повредени, некои од нив со операции на пластична хирургија. За среќа, јас и моите две другарки сме живи и здрави“, додава таа.

Јован Костадинов, кој ја спаси Јелена и уште 21 лице, раскажа како успеал да се справи со ситуацијата. „Прво бев збунет, не знаев што се случува. Мислев дека е тепачка, но кога започна да излегува густ црн чад, сфатив дека е пожар“, вели Јован. Неговата среќа беше што се сети да ја намокри маицата, што му помогнало да дише во облакот на чадот.

„Тоа беше полошо од хорор-филм. Не можам да го заборавам тоа до крајот на животот. Се чувствував под голем адреналин и не размислував за сопствениот живот, само сакав да помогнам“, објаснува Јован, кој во моментов учи во четврта година во училиштето „Ванчо Прке“ во Виница.

По враќањето од лекување, Јелена беше пречекана во своето училиште, ОСУ „Ацо Русковски“ во Берово. „Голема благодарност до Благој Механџиски Зегин, кој направи ова патување многу полесно за мене и за моите блиски. Чичко Благој е секогаш спремен да помогне, синоним за хуманост и човечност“, завршува Јелена, додавајќи дека малата закуска обезбедена за сите ученици е дополнителен знак на хуманост од страна на Благој.

Сведочењето на Јован за ужасните сцени во дискотеката, како и храброста на сите кои учествуваа во спасувањето, остава длабок впечаток за заедницата во Кочани.

 

Слични содржини