Обвинение и за таткото на Васил Јованов кој му го дал „пежото“ со кое ја усмрти Фросина

од Nikola Popovski
254 прегледи

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против таткото на Васил Јованов за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на претходната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази од кои произлегува дека обвинетиот, во периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.

-Тој на својот син му давал да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот не смее да управува со автомобил бидејќи нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти, и тоа: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување на  семафор и на пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело – сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.01.2025 година, стои во обвинението.

Неодамна Скопското јавно обвинителство ја заврши истрагата и поднесе обвинение против 20-годишниот Васил Јованов, кој на 29 јануари 2025 поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола, пијан, со двојнопоголема брзина од дозволената на Партизанска во Скопје, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.

Тој се товари за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, што значи може да биде осуден и до 20 години затвор.

Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот.

Слични содржини