ВМРО-ДПМНЕ: Филипче треба да поднесе извештај пред судот и граѓаните наместо да држи говори

од Љубиша Владимиров
18 прегледи

Одлуката на народот на последните избори јасно покажа што мисли за капитулациите на Венко Филипче и Зоран Заев во спорот со Бугарија. Во контекст на обраќањето на Филипче во Брисел на 8. април 2025 година, во кое се обидува да ја обвини Владата за наводно „самонаметнато вето“ и „откажување од евроинтеграциите“, ВМРО-ДПМНЕ истакна дека јавноста заслужува одговор базиран на факти и државничка одговорност.

„Апсурдно е токму СДС, партијата која капитулираше пред секој услов и која со бришењето на македонскиот јазик од институционалните формулации, како и со дозволувањето вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство“, нагласија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес, ако сме заглавени во европскиот процес, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење. Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процесот што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци“, додаваат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од нив е посветена на реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата, што се вистинските европски вредности. Тие истакнаа дека Филипче зборува за „стратегија“, но неговата партија немала стратегија ни за здравството за време на пандемијата, ни за енергетската криза, ни за евроинтеграциите.

„Народот јасно ја казни партијата на последните избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие истакнаа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и заштита на државните позиции, нешто што СДС го погази.

„Затоа, наместо да зборува за иднината на државата, Филипче треба да се соочи со последиците од своето владеење. Неговото име е поврзано со пропаднатото здравство и со една од најголемите здравствени афери, така што нема кредибилитет да зборува за ‘грижа’ и ‘реформи’“, завршија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да не беше трагично, ќе беше смешно!“, заклучуваат од партијата, додавајќи дека Филипче, наместо да дава изјави, треба да поднесе извештај пред судот и пред граѓаните.

Слични содржини