Што Македонија ќе ѝ понуди на САД за да „паднат“ воведените царини од администрацијата на Доналд Трамп? Вакво прашање денеска доби министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска која информира дека очекува разрешница во најскоро време. Според неа, ова е во надлежноста на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.
Како што рече министерката, се подготвуваат измени во Законот за царинските стапки каде што можеме да се оди во намалување на истите.
-Можеме и да одиме до нула затоа што ефектот не е воопшто голем. Можно е и до нула да се спуштат, секако. Целиот извоз лани бил околу 6 милијарди денари – многу малку во споредба со тоа што го разменуваме со останатиот дел од светот. Секако дека станува збор за грешка и тоа не се царинските стапки кои ние ги имаме. Во Македонија нема царинска тарифа од 65%. тоа се јавно достапни податоци. Отежната е елата работа поради тоа што немаме потпишано договор со САД за слободна трговија. Работиме на тоа да потпишеме таков договор и верувам дека на крајот МНР ќе успее во тој дел. Со него, ќе имаме промени во царинските тарифи, кажа Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата.
Министерката додаде дека „невозможно е преку ноќ, ако постои проблем во Европа, некој сега ќе ги отпушти вработените“.
-Префрлувањето на капиталот е тешка задача и треба време. Да не создаваме паники дека ќе имаме отпуштања од работа. Тоа нема да се случи. Очекуваме дека земјите од ЕУ ќе се договорат со САД. Не може да има целосно запирање туку само извод. Имаме проблем само во една ситуација со една компанија која директно зависи од извозот во САД. И тие нема да ги отпуштаат работницит преку ноќ, нема да ги отпуштаат. Во моментов не постои поголем ризик од отпуштања од работа, нагласи Димитриеска Кочоска.