Постоеше голема загриженост поради усвојувањето на законите за основно образование кои, според дел од јавноста, ќе значат назадување наместо унапредување на заштитата на учениците од дискриминација и насилство во образовниот процес. Предлогот за отстранување на дискриминаторските основи: род, сексуална ориентација и родов идентитет од Законот за основно образование, но и нивно невметнување во предлог-Законот за средно образование, предизвикаа реакција кај граѓанските организации кои работат на полето на човековите права, родовата еднаквост, правата на ЛГБТИ+ заедницата. Дополнителна реакција предизвика и предложената измена во Законот за основно образование со која терминот „родовата еднаквост“ се заменува со терминот „еднакви можности“.
Денеска беше обелоденето дека претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова ги потпиша Законот за основното образование и
Законот за учебници, во кои термините „родова идеологија и родов идентитет” беа заменети со нормата „рамноправност меѓу жените и мажите”. Претходно во Собранието со 65 гласови „ЗА“ поминаа измените.
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, сведоци сме на алармантен пресврт во односот на институциите кон основните човекови права. Во изјава за „Локално“, нагласуваат дека последните измени на законите го легализираат отстранувањето на теми поврзани со сексуално и репродуктивно здравје, родова еднаквост и инклузивност од наставните програми – чекор што претставува директен удар врз правото на младите на информации, заштита и еднаквост. Преку овие измени, како што велат од Хелсиншкиот комитет, државата ја напушта обврската да ги заштити младите, особено оние кои се веќе маргинализирани, како што се ЛГБТИК+ учениците.
-Овие промени не се случајни – тие се резултат на поширок политички тренд кој сè повеќе се потпира на реторика и политики инспирирани од антиродовите движења во САД, кои во последните години, особено под администрацијата на Доналд Трамп, отворено ги таргетираа правата на трансродовите лица, сексуалната едукација и еднаквоста. Токму овие ставови сега сè почесто се пресликуваат и кај нас – преку формални законски измени и инфилтрација на радикални и антинаучни групи во образовниот и политичкиот простор, посочуваат од здружението во изјавата.
Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост веќе јавно упатија повик до Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не ги потпише овие штетни Укази и да ја искористи својата позиција за заштита на младите и за доследно спроведување на заложбите за родова еднаквост. Се нагласува дека овие измени се спротивни на препораките на телата на Обединетите нации, на целите за одржлив развој (особено Целта 5 – родова еднаквост), како и на националното законодавство за заштита од дискриминација.
-Затоа, не можеме веќе да зборуваме за „ризик“ – туку за веќе започнат процес на институционализирана дискриминација, кој бара итен отпор од сите демократски чинители. Под изговор на „заштита на децата“, всушност се легитимираат дезинформации, се промовира омраза, и се исклучуваат најранливите. Против ова мораме да се бориме и со факти и со јавно политичко дејствување, порачуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Со измените терминот родова еднаквост е заменет со терминот еднаквост меѓу жените и мажите. Со изгласаните измени всушност се промени дел од членот 48 од овој закон. Во образложението на предлагачите на измените меѓу другото пишуваше дека измените се во насока на допрецизирање на одредбата за поголема контрола и соработка со родителите и училишниот совет.
„Училиштето се грижи за здравјето на учениците преку обезбедување информации базирани на научни и медицински сознанија, промовирање на почитување на различностите, човековите права и еднаквоста меѓу половите, во соработка со родителите и училишниот совет“, пишува во изменетиот член на Законот за основно образование.
Дел од пратениците пред гласањето во Собрание рекоа дека еднаквоста помеѓу мажите и жените треба да се разликува прецизно и добронамерно од терминот родов идентитет кој што има сосема друга конотација. Писмо за поддршка до пратениците испратија од Коалицијата за заштита на децата, за како што велат оттаму, неговите заложби за прочистување на Законот за основно образование од родовата идеологија.
Од коалицијата велат дека иако сѐ уште постојат можности за унапредување на законот и „отстранување на потенцијалните проблематични делови, како што се недефинираните термини ‘различности’ и ‘еднаквост на половите’“, сепак тие ја поздравуваат најновата “позитивна промена“.
Против терминот „родов идентитет“ заеднички застанаа и петте верски заедници, застапени во Уставот на државата.
Н.П.