Еден од најдобрите италијански играчи од средниот ред на сите времиња, Андреа Пирло, изјави дека заминувањето од Милан не било негова желба, туку дека бил избркан од клубот од тогашниот тренер Макс Алегри и спортскиот директор Адријано Галијани.
„Има многу луѓе кои сè уште мислат дека сакав да заминам и тоа страшно ме нервира, бидејќи тоа не е вистина. Сакав да останам во Милан, но немаше услови тоа да се случи и затоа се разделивме. Кога се збогував со соиграчите, тоа беше еден од најболните и најтажните моменти во мојот живот“, изјави 45-годишниот Пирло за италијанските медиуми.
Иако беше миленик на навивачите, „росонерите“ не му понудија продолжување на договорот и Пирло се пресели во Јувентус како слободен играч во јули 2011. За „Старата дама“ играше четири сезони, а последните две и пол години ги помина во Њујорк Сити, САД, каде ја заврши својата богата играчка кариера во јануари 2018 година.
Играше и за Интер, но многу малку бидејќи го испратија на позајмица во Реџинa и Бреша. Во јули 2001 година „нероазурите“ го продадоа на „росонерите“ за 17 милиони евра. Десет години го носеше дресот на Милан и одигра 401 натпревар и забележа 41 гол и 71 асистенција. Со Милан освои девет трофеи, меѓу кои две европски титули и две титули во Серија А.
„Моите играчки денови во Милан беа веројатно најдобри во целата моја кариера. Таму пораснав и таму станав маж. Многу од играчите со кои ја делев соблекувалната на Милан станаа мои пријатели, сè уште се дружиме, заедно одиме на одмор“, изјави Андреа Пирло, кој одигра 116 натпревари за италијанската репрезентација, постигнувајќи 13 гола, а беше еден од клучните играчи во кампањата на Светското првенство во 2006 година.