Лука Дончиќ како противник го имаше првиот настап на паркетот во „Американ ерлајнс центарот“ во Далас, облечен во дресот на Лос Анџелес Лејкерс.
Ова се случи само два месеци по изненадувачкиот трејд кој го шокираше кошаркарскиот свет кога Маверикс го пуштија Дончиќ во Лејкерси во замена за Ентони Дејвис.
Секое седиште во салата беше исполнето со бела маичка со натпис на словенечки: „Ти благодариме за сè“.
Многу фанови го носеа дресот на Дончиќ со број 77, а Маверикс направија и двеминутно видео кое ги прикажува најпосебните моменти од кариерата на Дончиќ во Далас. Додека се објавуваа кадрите од неговите кошеви, асистенции и други незаборавни моменти, словенечкиот кошаркар си ги бришеше солзите со пешкир.
На теренот беше незапирлив. Натпреварот го заврши со 45 поени, што е негов рекорд во дресот на Лејкерси, осум скока и шест асистенции, со што го предводеше тимот до важна победа од 112:97 со која го обезбеди пласманот во плеј-офот. Од друга страна, Дејвис мечот го заврши со 13 поени и 11 скока.