Пари Сен Жермен брзо реагираше на вчерашната прес-конференција одржана во париски хотел од адвокатите на Килијан Мбапе. Тие ги изнесоа своите правни аргументи и најавија поведување постапка против клубот поради неисплата на 55 милиони евра кои играчот ги тврди врз основа на последниот договор, пишува „Marca“.
Од ПСЖ соопштија дека не разбираат зошто Мбапе и неговиот адвокатски тим и покрај сите најави се уште немаат поднесено официјално барање до Францускиот суд за труд (Conseil des Prud’hommes), кој е единствен надлежен за вакви спорови.
„По уште една медиумска конструкција, ПСЖ се уште не гледа причина Килијан Мбапе да не го достави своето барање до надлежниот орган, кој сам може да донесе пресуда во овој случај“, соопштија од клубот.
Покрај тоа, клубот ги критикува тврдењата на адвокатите на Мбапе дека поминала повеќе од една година од покренувањето на спорот, бидејќи, според нив, играчот е во посебна позиција.
„Неговите адвокати тврдат дека за него не важат истите правила бидејќи тој наводно не е обичен вработен“, се вели во реакцијата на ПСЖ.
„Сепак, ПСЖ верува дека Мбапе, како и секој друг вработен, е должен да ги почитува неговите јасни и повторени ветувања – и оние дадени јавно и оние дадени приватно. Седум години тој имаше привилегии во Париз, какви што немаше ниту еден играч“.
Од клубот нагласуваат дека станува збор за темелни вредности како што се искреноста, чесноста и лојалноста, како и почитта кон самиот клуб и неговите навивачи. Тие нагласуваат и дека доколку има правен процес, ќе ги изнесат сите релевантни докази, вклучително и документација и сведочења со кои се потврдува постоењето на договорни обврски – било да е индивидуално или преку колективниот договор што ПСЖ го бара повеќе од една година.
„Ја повторуваме нашата подготвеност да најдеме мирно решение, бидејќи секогаш сме биле отворени за дијалог, и покрај неискрениот пристап и постојаното одбивање на какво било посредување од страна на Мбапе. Во меѓувреме, остануваме целосно посветени на спортските и културните цели на нашиот клуб“, велат од ПСЖ.