Партијата Левица обвини за селективна и политички мотивирана истрага во врска со трагичниот настан во Кочани, во кој загинаа млади лица, а јавноста остана длабоко потресена. Во соопштение објавено на нивната официјална страница, од партијата упатуваат сериозни критики кон Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски, оценувајќи дека истрагата тенденциозно го избегнува утврдувањето на одговорност кај функционери блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Според Левица, иако постојат јасни индиции за сериозни пропусти кај лица со оперативни овластувања, истрагата се фокусира исклучиво на поранешни функционери и службеници од пониските ешалони. Партијата тврди дека се избегнува утврдување одговорност кај началничката на ОВР Кочани, началникот на криминалистичката полиција, инспекторката за економски криминал, сменоводителот од критичната вечер, како и други лица од СВР Штип и Бирото за јавна безбедност.
„Постоеја пријави против објектот, се користела пиротехника, а ‘рацијата’ била спроведена без соодветно присуство на инспекциски служби. Сето тоа укажува на свесен институционален пропуст со трагични последици“, наведуваат од Левица.
Од партијата најавуваат дека пратеничката група веќе подготвува интерпелација за министерот Тошковски, укажувајќи на сериозни институционални пропусти, селективна одговорност и прикривање на лица кои требало да дејствуваат.
„Ќе инсистираме на целосна правда и неселективна одговорност – секој кој потфрлил, премолчел или прикривал, мора да одговара“, порачуваат од Левица, додека лидерот на оваа политичка партија на социјалните медиуми испрати прашање до министерот за Внатрешни Работи преку која го прашува „До кога вака“.