Оскар Пјастри ја освои својата втора пол-позиција во својата Формула 1 кариера, откако триумфираше во квалификациите за Големата награда на Бахреин, на која Австралиецот беше една класа пред своите конкуренти.
Возачот на Мекларен беше единствениот што запиша под 90 секунди за еден круг на Сахир во квалификациите, освојувајќи ја пол-позицијата со време од 1:29.841. Со овој круг Пјастри го победи Џорџ Расел кој годинава по втор пат ќе стартува од првиот ред за 0,168 секунди.
Трети и четврти ќе бидат Шарл Леклер и Андреа Кими Антонели, кои беа побавни од Пјастри за 0,334, односно 0,372. Зад нив во третиот ред ќе бидат Пјер Гасли и лидерот во генералниот пласман во Формула 1 Ландо Норис, кој направи многу лош последен круг и заостанува 0,426 зад својот тимски колега.
Минатонеделниот победник на трката во Јапонија, Макс Верстапен, не успеа да ја повтори магијата што ја создаде во Сузука и ќе стартува седми, делејќи го четвртиот ред со својот поранешен тимски колега Карлос Саинц. Во петтиот ред ќе бидат Луис Хамилтон и Јуки Цунода, кои беа најбавни во решавачкиот сегмент од квалификациите.
Големата награда на Бахреин, четвртиот круг од сезоната во Формула 1 во 2025 година, е закажана за 17:00 часот утре по наше време.