Трамп се огласи по рускиот напад врз Суми, го спомна и Бајден

од Nikola Popovski
100 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп за првпат се огласи за вчерашниот руски ракетен напад во украинскиот град Суми во кој загинаа 34 лица, а беа ранети 117 лица.

– Мислам дека беше страшно и ми кажаа дека тие (Русите) згрешиле, но сепак, мислам дека тоа е страшна работа. Мислам дека целата оваа работа е ужасна…Тоа е војната на (поранешниот американски претседател Џо) Бајден. Тоа не е моја војна, тука сум многу кратко време. Тоа е војна што се водеше под Бајден. Им даде (на Украина) милијарди долари кои никогаш не требаше да ги одобри, рекол Трамп пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.

„Киев Индипендент“ потсетува дека лидерите на земјите членки на Европската унија го осудија рускиот ракетен напад врз Суми.

Трамп додаде дека војната во Украина е „срамота“.

– Милиони луѓе кои треба да бидат живи се мртви. Се уништуваат градови низ цела Украина. Целата култура ја нема. Многу е сигурно дека таа е многу силно погодена, изјавил американскиот претседател.

Државната служба за итни случаи соопшти дека од гранатирањето биле погодени станбени згради, образовни институции и возила. Светот мора да реагира цврсто. Без притисок врз Русија, мирот е невозможен, порача Зеленски. Тој додаде дека преговорите не можат да ги запрат балистичките проектили и воздушните напади, повикувајќи на построг однос кон Русија како кон терористичка држава. Сличен напад се случи пред неколку дена во Кривји Риг, родниот град на украинскиот претседател.

-Непријателот го погоди центарот на Суми со два балистички проектила. Спасувачките операции се во тек, повредените се лекуваат. Во моментот на нападот многу луѓе беа на улиците. Непријателот имаше намера да нанесе максимална штета на луѓето во Суми, изјави Володимир Артјух, шеф на регионалната воена управа Суми.

Преговорите за решавање на конфликтот во Украина можеби се одвиваат добро, вели американскиот претседател Трамп. Изјавата следува откако специјалниот пратеник Виткоф, во Санкт Петербург се сретна со рускиот претседател Путин. Виткоф го повика шефот на Кремљ да ги продолжи преговорите за прекин на огнот.

-Мислам дека преговорите меѓу Украина и Русија би можеле да се одвиваат во добра насока и многу брзо ќе дознаете повеќе за тоа. Доаѓа момент кога мора или да прифатите нешто или да замолчите. Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека сè се движи во добра насока, додаде Трамп.

Во меѓувреме, Рускиот амбасадор во Обединетото Кралство не ги отфрли наводите дека руски сензори биле скриени во морињата околу Велика Британија во обид да ги следат британските нуклеарни подморници. Обвинувањата доаѓаат откако Кралската морнарица објави слики во март на руски воен брод што го следела како плови во близина на британските води.

Слични содржини