На 1 април 2025 година, еколошкото здружение „Здрава котлина” од Струмица поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, поради сериозни прекршувања на законите и загрозување на животната средина и јавниот интерес.
Пријавата, составена на 125 страници и поткрепена со обемна документација и технички докази, се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и негови соработници.
Оваа постапка е ветена од здружението веднаш по првите граѓански протести и особено по растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјални мрежи, како и со злоупотреба на јавната функција и оневозможување на јавни услуги. Ниту еден избран функционер не е над законот — и ова треба да биде пример за сите.
-Во процесот на обезбедување на докази беа откриени нови индиции за дополнителни незаконски дејствија. Во наредниот период ќе бидат поднесени нови кривични пријави за најмалку две сериозни кривични ситуации. Од здружениет бараат вонредна и целосна државна ревизија на работењето на општина Ново Село — со посебен акцент на финансискиот и урбанистичкиот сектор, архивирањето и правниот промет, поддршка за граѓаните кои се подложени на притисоци и нарушување на нивните права од страна на градоначалникот како носител на јавна функција и неговиот татко како соучесник во извршените нелегални дејства; расветлување на злоупотребите што ги трпат сите кои не се согласуваат со политиките на градоначалникот и неговото блиско опкружување, порачуваат оттаму.
Според „Здрава котлина“, главни аргументи и факти се издавање дозвола за леарница за алуминиум, лажно класифицирана како лесна индустрија (Г2), иако реално претставува тешка загадувачка индустрија (Г1.3), со што е загрозена изворската вода за Ново Село, реката Струмица и животната средина во близина на с. Самуилово.
-Фалсификување документи, компјутерски измени и прикривање информации од јавен интерес. Репресија врз вработени, советници и активисти – преку мобинг, преместувања, тужби и инспекциски контроли. Ангажирање фирма чиј сопственик е неговиот татко и сомнителни авансни позајмици во повеќе трансакции над 500.000 евра пред издавање на фалсификуваната градежна дозвола – што укажува на судир на интереси и можно перење пари.
Оневозможување јавен увид и јавни документи, укинување на преноси од седници – прекршување на транспарентноста и правото на учество на јавноста во процесот на носење одлуки поврзано со јавниот интерес за забрана на Г1 тешка загадувачка индустрија на помалку од 5 километри од населено место или заштитено подрачје.
Овие дејства претставуваат тежок облик на злоупотреба на службената положба, со реални последици по здравјето, безбедноста и правата на граѓаните, истакнуваат од здружението.