Палевски: Бев во Турција за да земам доказ дека Гоце Делчев бил убиен од врховистите, а не турски аскер

од Nikola Popovski
706 прегледи

Во Кривичниот суд ново рочиште за двојното убиство на Вања и Панче. Заврши распитот на таткото на Вања, а судењето продолжи со сведочење првообвинетиот Љупчо Палевски. Потенцираше дека патувал до Турција на регуларен начин заради здравствени причини и лични интереси. Заминал со регуларна патна исправа преку редовен премин

Посетата до Истанбул, според неговиот исказ, покрај снимање магнетна резонанца била и посета на воен архив.

-Втора причина е посета на воен ахрив во Истанбул. Требаше да земам копија и доказ дека на 4 мај 1903 година во село Баница немало ниту еден аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турска војска, туку од врховистите. Третата причина зошто сум гледал карти од Минск и од Москва е мојата желба и намера да одам во Москва, но ниту сум букирал карта, ниту сум купил, туку мојата желба и намера не се реализирала, а на обвинителката многу добро ѝ е познато зошто. Јас требаше да одам во Москва од причина да земам копија од Новгородски ливчиња од јавната библиотека на Москва, изјавил Палевски.

Палевски истакна дека неговите активности, по враќањето од Турција, биле цел на лажни медиумски написи дека бил во бегство. Палевски го нападна и шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски со неосновани обвинувања дека се одговорни за перењето пари во земјата. Ги нападна и медиумите дека се корумпирани од банкарскиот сектор, а оние што известуваат од судот дека се багра зад стаклото.

Тој вели дека кога стасал во Турција, на граница имал контакт со Велибор Манев, кој му дал број од Турчин што знае македонски. Тој му објаснил дека во Истанбул тешко ќе најде евтина куќа за изнајмување и му го предложил Баликесир кој е на 200 километри од Истанбул.

Сабајлето, како што дополни, на 5 декември по барање на ЈО на Баликесир бил однесен пред судот во Баликесир.

-Ми беше прочитано за што сум осомничен. Бев прашан дали постои можност за мачење и убиство во Република Македонија. Од срам за сопствената држава, кажав дека не постои таква можност, да бидам мачен и убиен, бидејќи тоа е процедура кога ве прашуваат дали и како сакате да бидете екстрадиран, рече тој, дополнувајќи дека пуштил молба за побрза екстрадиција, затоа што, како што рече, „знам со кого си имам работа“.

На последното рочиште таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, рече дека се сомневал оти неговата ќерка е киднапирана. Додаде и дека полицијата погрешно ја водела истрагата, бидејќи сметала дека Вања избегала во Тетово, потоа дека отишла во Шведска и се приклучила на ИСИС, а од контакт во Сејф сити на Гоце Трајковски, со кој вршел паралелна истрага, дознал за исчезнатиот цитроен на велешанецот Панче Жежовски, кој ќе биде искористен во грабнувањето на неговата ќерка.

Слични содржини