Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски се огласи во јавноста по, како што вели, вчерашните координирани напади од ДУИ, СДСМ и Левица. Оценува дека партиите се здружиле во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост.
Според Тошковски, најинтересна е улогата на Левица, кои ги нарекува, „политичките паразити кои живеат и се хранат од народниот гнев создаден токму од нивните денешни партнери, ДУИ и СДСМ“.
-Левица, која со години не пропушта можност да се претстави како алтернатива, всушност е само уште една алатка на истите структури кои на Македонија ѝ ја одземаа иднината. Денес, кога конечно системот се чисти, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана на токму оние кои ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога системот е разнишан, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници.
Вчерашниот ден најдобро покажа каде сме и зошто толку силно удираат. Не се напаѓа оној што не претставува закана, се напаѓа оној што навистина менува нешто. Оној што не прифаќа да биде дел од нивниот удобен систем на молк, неказнивост и меѓусебна заштита. Токму затоа, јас овие напади не ги гледам како закана, туку како комплимент дека конечно правдата ги допре оние кои мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи. Ова не е само моја битка, ова е наша битка. Ова е битка на сите граѓани кои 30 години живеат во држава во која политичката елита си играше фудбал по канцеларии и ја шутираше Македонија како топка. Денес, наместо тие да ја шутираат државата како што сакаат, законот почна да ги удира токму таму каде што најмногу ги боли, порача првиот полицаец во државата.
На крај во својата објава, Тошковски додава:
„Ако нападите се цена што мора да ја платиме за ова, тогаш јас сум подготвен секој ден да ја плаќам, затоа што ова не е само политичка битка. Ова е враќање на Македонија таму каде што и е местото, во рацете на граѓаните, а не во рацете на криминалците. Македонија мора да биде држава каде што одговорноста нема партиска боја, а правдата нема цена. Токму таа Македонија е целта за која вреди да се издржат сите овие напади. И таа Македонија, заедно со граѓаните, конечно ќе ја изградиме“.
Министерот вчера порача дека против секој за кој има докази е поднесена пријава. Истрагата за трагедијата во Кочани не е завршена, се постапува по над 50 осомничени. Не се поштедени ниту припадниците на полицијата.
„Сега, амнестија, јас не можам да се согласам дека има. Заради тоа што Министерството за внатрешни работи има поднесено во континуитет три кривични пријави, можеби и четири и се постапува по над 50 осомничени. Не можеме да се компарираме дури ни со случаи коишто се случиле од ваков тип во далеку поразвиени земји, од аспект на колку далеку е отидена истрагата“, изјави Тошковски.
ДУИ им апелираше на професионалците во Министерството за внатрешни работи и во Јавното обвинителство да не дозволат да бидат дел од оваа, како што велат, трговија со влијание и на тој начин да не ја легитимираат оваа политичка зделка.
-Вистинската правда не смее да се крие зад селективни истраги и медиумски перформанси. Јавноста со право бара одговорноста за ужасната трагедија во Кочани да се утврди точно и правично. Она што ни се прикажува не е правда – туку институционален агресивен напад, еднострански насочен кон албанскиот народ во оваа држава, рекоа од партијата на Али Ахмети.
90 дена по ДУИ во првиот можен рок, Левица поднесе нова интерпелација за Тошковски. Според нив тој треба политички да одговара бидејќи во дискотеката во Кочани имало малолетници, се користеле пиротехнички средства, полицијата не укажувала помош на повредените, не ги гонела тие што се заканувале на социјалните мрежи и забранила употреба на дронови за време на протестите. На Левица ѝ пречи и списокот со осомничени за трагедијата.