ИФО: Можна е нова светска економска криза

од Vladimir Zorba
32 прегледи

Тарифната војна на американскиот претседател Доналд Трамп може да поттикне светска економска криза. За ситуацијата предупреди претседателот на влијателниот економски институт Ифо, Клеменс Фуест.

Тарифната војна може да доведе до забрзано ширење на протекционизмот, и во Кина и во Европа, изјави Фуест за „Зидојче цајтунг“. „Кога сите одат во погрешна насока, можна е голема криза“, додаде тој.

Трамп го суспендираше воведувањето нови царини за повеќето трговски партнери на 90 дена. Од друга страна, уште повеќе го стегна стисокот на Пекинг. Американците сега сакаат да воведат царини од 145 отсто на кинескиот увоз, а Кина одговори со зголемување на царините за американскиот увоз на 125 отсто.

Клеменс Фуест оценува дека ескалацијата со Кина е во тек и дека затоа „ништо не е надвор од масата“, и дека неизвесноста продолжува.

Според него, постои особена закана дека САД, како најголем пазар во светот, ја уништува својата репутација на доверлив партнер. „Каматните стапки на САД се зголемуваат, а доларот паѓа“, рече тој. „Тоа е повик за будење“.

Имено, две третини од берзанската капитализација се врти околу американската берза. Доларот е сидро на глобалната валута. „Ако сето тоа биде обратно, последиците ќе бидат несогледливи“.

Фуест оценува дека е можно Трамп да попуштил поради реакцијата на американскиот пазар на државни обврзници, а пазарот да покажал мускули да сигнализира ограничувања на политиката.

„Кога владите се однесуваат непредвидливо и деструктивно, пазарот им ги одзема парите и довербата“, заклучува Фуест.

Слични содржини