Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома”, денеска ја посети Општина Центар и одржа работна средба со градоначалникот Горан Герасимовски и членовите на општинскиот Совет. За време на средбата разговараа за активните проекти во општината, плановите за понатамошен развој на централното градско јадро, а акцент беше ставен и на тековните предизвици, како што се недостигот од паркинг места и проблемите со јавната хигиена, за кои беа разменети идеи и предлози за нивни системски решенија.
На средбата се дискутираше и за планираните измени на Законот за локална самоуправа, коишто, како што заклучија сите присутни, ќе се овозможи зголемување на отчетноста на градоначалниците, транспарентноста на општините, а ќе се обезбеди и поголема ефикасност на локалните власти, овозможувајќи им брзо и ефикасно решавање на голем дел од проблемите на терен со кои сега се соочуваат.
Перински на средбата посочи дека Министерството за локална самоуправа е фокусирано и кон поддршка на процесот за дигитализацијата на услугите на локалната самоуправа со цел создавање на модерни, дигитализирани општини кои ќе бидат поефикасни, поуслужни и подостапни за секој граѓанин.
Безрезервно, сите присутни на средбата, се заложија дека ќе продолжат со континуирана соработка со централната власт, со единствена и јасна цел, поквалитетно секојдневие на секој граѓанин.
Токму, проектот за реконструкција на спортската сала „Работнички”, која се реализира со средства од државниот буџет, ја потврдуваат нивната соработка и заедничките напори. Овој проект, кој е одобрен на првиот владин повик за поддршка на општински проекти е доказ дека независно од политичките определби, сите инволвирани треба да бидат фокусирани на потребите на граѓаните и напредокот на општините.
Перински и Герасимовски беа децидни дека за нив политиката не е и нема да биде пречка за развој на општината, политичките разлики се лесно надминливи, доколку посветено и искрено се работи во интерес на конкретни решенија за подобро утро на секој граѓанин.