Инжинери бараат струјата да се фактурира според реална, а не проценета потрошувачка

од Марта Пешевска
655 прегледи

Здружението „Инженери на Република Македонија“ (ИНРМ) упатува јавно барање до пратениците и Министерството за енергетика итно да ги ревидираат спорните одредби од новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април треба да влезе во собраниска процедура.

ИНРМ остро се спротивставува на предложените измени кои дозволуваат издавање на сметки за електрична енергија врз основа на проценета, наместо реално измерена потрошувачка. Ваквиот пристап, според здружението, е неприфатлив и ги става граѓаните во позиција да плаќаат повеќе од она што навистина го потрошиле.

„Граѓаните не смеат да бидат жртви на неточни пресметки и системски грешки кои можат да предизвикаат сериозен финансиски удар врз нивниот семеен буџет“, се наведува во соопштението.

ИНРМ потсетува дека со ваквите измени се легализира праксата на паушално фактурирање, што стана особено проблематично по воведувањето на блок-тарифите од 1 јули 2022 година. Нередовното читање на броилата доведува до тоа потрошувачите да бидат несоодветно распоредени во повисоки ценовни блокови, што резултира со непропорционално зголемени сметки за струја.

„Бараме јасни, прецизни и фер одредби кои ќе гарантираат транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реална потрошувачка. Само така може да се заштити интересот на потрошувачите и да се обезбеди правична енергетска политика“, порачуваат од ИНРМ.

Слични содржини