Издавање стан на неколку часови или на еден ден е нов тренд во Скопје. И покрај тоа што има хотели, сепак изнајмување на стан за една вечер е поевтино и се движи од 30 евра па нагоре. Од Агенциите за недвижности велат дека се почесто се бараат станови за изнајмување на една вечер што придонесе да се развие и бизнисот со реиздавање. Голем дел од агенциите или приватни лица во градот изнајмуваат станови, а потоа ги реиздаваат и заработуваат повеќе од двојно.
-Во последно време, се зголемува побарувачката за изнајмување станови за една вечер, поради што сè разви бизнисот со реиздавање. Клиенти се деловни луѓе од странство, претставници на разни компании, но и семејства, кои заради туризам, деловни или здравствени причини изнајмуваат станови за една вечер, што им е многу поисплатливо отколку да одат во хотел. Како резултат на зголемената побарувачка на станови за еден ден се појавија многу агенции и приватни лица кои изнајмуваат становите, а потоа ги реиздаваат преку Airbnb и Booking. Заработката е повеќе од двојна, односно од 300 евра, па нагоре, во зависност од тоа дали станот е постојано издаден или некои денови е празен, вели Александар сопственик на Агенција за недвижности во Скопје.
Тој вели дека најчесто овој бизнис го вршат млади кои имаат претприемачки дух, но и агенциите. Тешко се доаѓа до стан, бидејќи има сопственици на станови кои не сакаат да ги даваат становите за реиздавање.
-Конкуренцијата е голема и тешко се наоѓаат нови и добро наместени станови кои се најчесто барани за реиздавање. И покрај тоа што добро се заработува, бизнисот со реиздавање не е лесен. Треба да се најде чистачка, да се чисти секој ден, постојано да се менуваат постелнини… Некои од сопствениците на становите не сакаат да ги даваат за реиздавање или за една вечер, поради обзир кон соседите и поради тоа што не сакаат становите да им се претворат во хотели, објаснува Александар.
На интернет често може да се видат огласи за издавање на станови за еден ден, а цените се движат од 30 до 50 евра. Се нудат луксузни станови со една или повеќе спални соби, со опремена кујна, интернет, светски ТВ-канали при што во цената се вклучени сите трошоци, а се добива и чистење на становите. Од агенциите велат дека, сепак еднодневен престој во стан е далеку поевтино отколку во хотел каде цените за една ноќ се движат од 50 до 100 евра.
Во Скопје, последниве години понудата на станови за издавање е многу поголема од побарувачката, поради тоа сопствениците под ризик да им се уништи станот се решаваат да го издадат на ден наместо со договор на подолго време за да не им стои празен.
Во некои од светските метрополи, Барселона, Париз, Амстердам, Сан Франциско, Њујорк забрането е краткорочно издавање на станови преку платформите Airbnb и Booking.
Б.С.