„Реган се превртува во гробот“: Планот на Трамп за Крим предизвика шок и гнев во Украина

од Nikola Popovski
128 прегледи

Веста дека САД ја разгледуваат можноста да ја признаат руската контрола врз Крим како дел од мировниот договор за ставање крај на војната во Украина предизвика остри реакции, како во Украина, така и кај нејзините сојузници. Ваквиот потег, според аналитичарите, би претставувал голема победа за рускиот претседател Владимир Путин, кој илегално го анектираше полуостровот во 2014 година.

Како што наведува Блумберг, повикувајќи се на неименувани извори, во американската администрација има разговори за можна отстапка откако поранешниот претседател Доналд Трамп и неговиот државен секретар Марко Рубио во петокот изјавија дека САД би можеле да се повлечат од мировните преговори доколку дијалогот не успее. Иако одлуката се уште не е донесена, самата информација предизвика бура од негодување во проукраинските кругови.

Руските сили го окупираа Крим во февруари 2014 година, по што Москва организираше спорен референдум, наведувајќи го неговиот резултат како доказ за волјата на населението да се приклучи на Русија. Анексијата на Крим ја отвори вратата за конфликти во Донбас, кои подоцна кулминираа со целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати јасно изјави дека Украина нема да се согласи да предаде ниту еден дел од нејзината територија, вклучително и Крим. Од друга страна, Путин тврди дека анектирал уште четири украински региони, иако Русија нема целосна контрола врз нив. Признавањето на руската власт над Крим би било огромен дипломатски триумф за Путин, кој со години се обидува да добие меѓународно признавање на анексијата.

Иако, според Блумберг, предлогот се уште само се разгледува, одлуката не е формално донесена – социјалните мрежи вријат од реакциите.

Корисник од Киев по име Џеј напиша дека таквиот потег на САД би значел усогласување со „пеколни клептократии како Северна Кореја, Белорусија, Русија, Никарагва и Венецуела“ – единствените земји што го признаваат рускиот суверенитет над Крим.

Олга Лаутман, виш соработник во Центарот за европска политика (ЦЕПА), вели: „Крим е украински и ќе остане украински – без оглед на тоа што ќе кажат Трамп и неговите соработници“.

Корисникот „УА Војаџер“, кој доаѓа од Крим, напиша: „Со свои очи ја видов анексијата. Знам што значи да се живее под окупација. Знам колку луѓе на Крим сè уште веруваат во Украина. А сега немам зборови“.

Организацијата „Украинска линија на фронтот“ предупреди дека признавањето на руската контрола над Крим ќе означи крај на сите преговори. „Роналд Реган се превртува во својот гроб при самата помисла на ова предавство на американските морални вредности“, соопшти организацијата.

Потсетиме дека Трамп во петокот рече дека САД ќе се повлечат од посредувањето доколку „една од страните го блокира постигнувањето договор“, додека Рубио претходно изјави дека Вашингтон ќе се откаже од мировната иницијатива доколку нема индикации за компромис.

Во март, Путин го отфрли предлогот на САД и Украина за 30-дневен прекин на огнот, додека Кремљ продолжи да го обвинува Киев и да бара дополнителни отстапки од Вашингтон. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, во петокот рече дека општ прекин на огнот е „нереален“.

И покрај состанокот спонзориран од САД во Саудиска Арабија минатиот месец, војната во Украина продолжува без знаци на намалување. Во изјавите од Москва јасно стои дека Кремљ би прифатил само целосна капитулација на Украина, што дополнително го отежнува секој обид за изнаоѓање мирно решение. Во меѓувреме, се зголемува притисокот врз американската администрација – особено поради можноста дека какви било отстапки за Русија може сериозно да го оштетат меѓународниот кредибилитет на САД.

Слични содржини