Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Европа не треба да разговара со Москва од позиција на надмоќ.
„Нема потреба да се разговара со Русија одозгора. И ако оваа ‘коалиција на волни’ ја водат барем донекаде претпазливи лидери, тие треба брзо да го сфатат тоа“, изјави Лавров во интервју со новинарот Павел Зарубин, пренесено од РИА Новости.
На крајот на март во Париз се одржа самит на таканаречената „коалиција на волни“. Францускиот претседател Емануел Макрон по средбата изјави дека некои од земјите-членки се подготвени да испратат војници во Украина. Според податоци на АФП, од околу 30 земји вклучени во иницијативата, само шест се подготвени на таков чекор – меѓу нив се Велика Британија, Франција и балтичките држави.
Лавров во истиот разговор истакна дека Русија нема да се помири со, како што ги нарече, „нацистичките тенденции“ во Европа. Москва, рече тој, „ќе направи сè за да ја спречи оваа идеологија да крене глава“ и ќе се погрижи да биде уништена, со цел Европа да се врати на своите вистински вредности.
Во април, шефицата за европска надворешна политика Каја Калас изјави дека Европската унија им порачала на земјите кандидати за членство дека не се очекува да присуствуваат на воената парада на 9 мај во Москва. Таа додаде дека ЕУ, исто така, не планира да учествува во одбележувањето на овој ден.
Руските власти постојано ги обвинуваат западните земји дека се обидуваат да ја препишат историјата. Претседателот Владимир Путин редовно нагласува дека Москва има должност да ја зачува вистината за Големата татковинска војна и да се спротивстави на обидите за нејзино фалсификување.
Оваа година се одбележува 80-годишнината од победата во таа војна, а на 9 мај се очекува во Москва да пристигнат бројни светски лидери, меѓу кои кинескиот претседател Си Џинпинг, претседателите на Венецуела, Бразил и Србија – Николас Мадуро, Луис Инасио Лула да Силва и Александар Вучиќ – како и премиерите на Словачка и Индија – Роберт Фицо и Нарендра Моди.